Како изгледала трпезата на едно богато битолско семејство на крајот од 19 и почетокот на 20 век?
Одговорот го откриваат три стари ракописни тефтери на битолскиот трговец Михаил Кацујани, во кои биле запишувани семејните трошоци од 1897 до 1911 година.

Станува збор за приближно 7.000 записи, врз чија основа грчкиот историчар Василис Гунарис го реконструирал секојдневниот живот на едно богато битолско домаќинство.
Истражувањето е објавено во книгата „На бреговите на Драгор“, издадена во 2000 година.
А што откриваат старите сметки?
На семејната трпеза често имало јагнешко месо, пилешко, пастрма, свинско, а повремено и дивеч.
Посебно место имала рибата. Се купувале јагули, речни и езерски риби, но и солена риба, сардини, па дури и октопод.
Особено необичен е податокот дека секој март семејството набавувало и кавијар.
Не недостигале ни зеленчукот, мешунките, млечните производи, овошјето и слатките.
Овие податоци покажуваат дека Битола пред повеќе од еден век имала развиен пазар, на кој богатите семејства можеле да набавуваат разновидна храна, вклучително и производи што денес ги сметаме за луксузни.
Семејството Кацујани се занимавало со трговија, особено со текстил, а неговите деловни книги се зачувани во грчка архивска збирка.
Секако, ваквата богата трпеза не била секојдневие за сите битолчани. Таа го прикажува животот на едно богато трговско семејство.
Но токму затоа овие тефтери се драгоцени, ни откриваат како изгледал приватниот живот зад фасадите на старите битолски куќи.
Денес, повеќе од еден век подоцна, благодарение на зачуваните сметки, можеме да откриеме што се служело на една богата битолска трпеза.
Извори: Василис Гунарис, „Στις όχθες του Υδραγόρα“, 2000; приказ на книгата од Мимис Сулиотис; архивски фонд на семејството Кацујани, ELIA–MIET.