Вчера, по деветти пат во Струга се одржа торжествената литија (Еордија) со чесните мошти на Светиот Великомаченик Георгиј и неговата чудотворна икона. Годинава литијата беше збогатена и со иконата на Сепречистата Владичица Богородица – Кринска од манастирот Пречиста – Кичевска која што беше носена од четворица кичевчани.

Илјадници верници најпрвин во храмот на Великомаченикот во Струга прво учествуваа во служењето на ктиторската вечерна богослужба, а потоа сите заедно тргнаа со литијата низ улиците во градот.

На чело на литијата беше член на Бигорското братство кој го биеше клепалото, потоа следуваа носачите со крстови, рипиди, знамиња, псалтите и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на град на Скопје, чудотворните икони на Св. Георгиј Победоносец и Пресвета Богородица – Кринска, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештенството на Дебарско – кичевската епархија, Митрополитот Тимотеј и други Митрополити, а на крај следуваа моштите на Светиот во украсен епитаф.

Оваа година во официјалниот дел од литијата беше и градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

Од оваа година моштите на Светиот Победоносец Георгиј беа носени од двајца видни струшки граѓани и уште двајца од други места, овој пат еден битолчанец и еден охриѓанец. Кирe Божиновски е битолчанецот кој вчера во Струга беше еден од оние кои ги носеше мошите.

Моштите беа придружувани и чувани и од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот Манастир.

По завршетокот на свечената литија, во дворот на црквата „Св. Вмч. Георгиј”, со своја културно-уметничка програма ќе настапи Ансамблот „Македонија”, како голем чувар на македонската народна музика и фолклор.

Ова е 9-та година, откако во полн сјај е обновена струшката традиција за одржување на Свечена литија секој 7-ми мај, ден по Ѓурѓовден, а во чест и спомен на Св.Георгиј Победоносец.

Извор Тера ТВ

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here