Денес реката Драгор тивко минува низ срцето на Битола, обрабена со препознатливите камени „ѕидови“ кои станаа дел од ликот на градот. Но, малкумина знаат дека пред речиси два века, Драгор бил вистинска закана за битолчани, непредвидлива, дива и причина за бројни болести.

До средината на XIX век, Драгорот немал регулиран тек. Реката постојано го менувала правецот, се разлевала лево и десно и создавала големи блатишта, особено околу градот и под него. Овие мочуришта не само што го менувале изгледот на Битола, туку претставувале и сериозна опасност за здравјето.
Пресвртот започнал во 1850 година, благодарение на еден Англичанец, капетанот Едмунд Спенсер. Воено лице, патописец и добар познавач на Ориентот, Спенсер извесно време престојувал во Битола, каде што бил повикан да помогне во модернизирањето на османлиската војска.

Судски мост
При обиколка на воените објекти, особено воената болница, останал шокиран од огромниот број заболени војници од треска и грозница. Брзо сфатил дека причината лежи во блатиштата околу градот, особено кај касарните. По разговори со германски и италијански лекари кои работеле во Битола, неговите сомнежи биле потврдени.
Но, вистинската приказна започнува со една мала, но мудра итроштина.
Свесен дека османлиските власти тешко прифаќаат совети, Спенсер внимателно му пристапил на везирот Дарбухар Решид-паша. Наместо директно да бара акција, дипломатски му навестил дека и самиот везир би можел да стане жртва на опасните болести што ги предизвикуваат блатиштата.

Стравот си го направил своето.
Испаничениот везир веднаш наредил цела Битола да се вклучи во голема акција за исушување на мочуриштата и регулирање на Драгор. Според сведоштвата на самиот Спенсер, лопати во раце зеле сите, „дебелите граѓани меѓу рајата, мрзливите Турци, Евреите и Ерменците“, луѓе кои дотогаш ретко или никогаш не работеле физичка работа.
Се копале дренажи, се носеле камења и тули, се правел малтер и почнало ѕидањето на коритото на реката. Со текот на времето, акцијата прераснала во вистинска урбана трансформација: се поплочувале улици, се расчистувале нечистотии и Битола почнала да добива поурбан лик.

Иако не се знае точно каде биле подигнати првите метри од камените брегови на Драгор, историските записи упатуваат дека тоа најверојатно било под денешниот Безистен, токму на местото каде што се создавале најголемите градски блата.
Изградбата на познатите битолски „ѕидови“ траела со децении, во повеќе етапи, а до 1913 година речиси целосно биле завршени, освен делот под Прилепско Џаде.
Така, благодарение на една мала англиска итроштина и голема заедничка работа, Битола успеала да го „скроти“ Драгор, реката која денес е еден од симболите на градот.
