Фамилијата Ризеви претставува една од старите и значајни битолски семејни приказни, чија историја ги поврзува Ваташа, Кавадарци, со Битола, преку трговијата, вредната работа и посветеноста на развојот на градот.
Во средината на 19 век, три браќа, Спиро, Ефрем и Илија Ризеви, се преселуваат од Ваташа во Битола. Ги продаваат своите имоти и лозја со желба да започнат нов живот и бизнис во тогашниот економски и културен центар на Македонија. Во почетокот работат кај богати и познати битолски фамилии, но нивната упорност и визија наскоро се исплатуваат – кон крајот на 19 век ја отвораат фабриката за сапун „Браќа Ризеви“, една од првите од ваков вид во Битола.

Прадедото Илија Ризев се жени со Василикија, потекло од влашка фамилија со корени во Ламиа, Грција. Влашката фамилија уште во средината на 19 век се доселува во село Магарево, каде што тогаш се населуваат многу влашки семејства кои подоцна ќе се префрлат во Битола и ќе ги отворат своите дуќани и трговски фирми.
Куќата на фамилијата Ризеви која беше на местото од сегашен хотел Епинал, веднаш до црквата св. Константин и Елена била изградена околу 1915 година, со средства од влашката страна на семејството, а во 1926 година преминува во целосна сопственост на Илија и Василикија, кои ја откупуваат од роднините. Сестрите и браќата на Василикија подоцна се отселуваат во Сараево.

Илија и Василикија имаат еден син, Владимир Ризев, кој го продолжува семејниот бизнис и ја проширува трговската мрежа. Семејството работи со размена на стоки меѓу Лајпциг, Дрезден, Загреб, Белград, Битола и Солун, а во Солун дури имаат и сопствен плац на пристаништето за прием на роба. Работат претежно со производи од нафтената индустрија.
Членовите на фамилијата биле образовани, зборувале повеќе јазици, германски, грчки, влашки, српско-хрватски и македонски, што им овозможило успешна трговија со партнерите во Европа.
Преку трговските врски, Владимир Ризев се запознава со Вера Пиперкова, ќерка на прилепско-грчка трговска фамилија која работела на Солунското пристаниште. Тие се венчаваат во 1925 година, и имаат три деца, Александар (татко на сегашните наследници), Илија и Милка.

Владимир го наследува татко му Илија не само во трговијата, туку и во општествениот живот. И двајцата се меѓу основачите на Rotary Club од Битола. Во средината на 40-тите години, Владимир станува претседател (градоначалник) на Собранието на град Битола. За време на неговиот мандат, се реализираат големи инфраструктурни проекти:
– се гради првиот градски водовод,
– се поставуваат нови сообраќајници и калдрмисани улици,
– а Битола добива комплетно улично осветлување – првпат во својата историја.
За жал, семејната приказна добива тежок пресврт по Втората светска војна. Во 1946 година, со одлука на Градскиот народен одбор, целокупниот имот на фамилијата, вклучувајќи ја куќата и трговските објекти е национализиран. Кога Владимир го прима решението за одземањето на имотот, доживува срцев удар и умира во дворот на својата куќа.

По неговата смрт, семејството доживува тежок период. Сите обврски паѓаат на Вера Ризева и нејзините три деца. И покрај сите предизвици, фамилијата успева да го зачува духот, достоинството и споменот на своите предци.
Денес, Владимир и Валери Ризев се паравнуци на Илија Ризев и внуци на Владимир Ризев, кои со гордост ја пренесуваат историјата на семејството, дел од богатата културна и трговска традиција на староградска Битола.
Голема благодарност до Владимир Ризев. Приказната од фамилија Ризеви ќе биди дел од нашиот втор дел Приказните од Широк Сокак.
Во помен на почитуваниот Александар Стерјовски кој навистина би сакал да ја дознае оваа приказна за уште една голема битолска фамилија но за жал не е повеќе меѓу нас.
Твојот другар, Зоран Ѓоргиев





