По повод 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, во холот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ беше отворена изложба на монографски публикации, стари периодични изданија и историски фотографии кои сведочат за богатото минато, културното наследство и урбаниот развој на градот.

Посебно внимание привлекоа фотографиите од старите битолски градби, од кои дел денес повеќе не постојат, но останале длабоко врежани во колективната меморија на битолчани.

Изложбата, која втора година по ред се организира во соработка со Македонското научно друштво – Битола и историчарот Стефан Караџовски, претставува своевидно патување низ времето, преку пишаниот збор, старите весници и фотографските сведоштва за некогашна Битола.

На присутните им се обрати директорката на Библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која изрази благодарност до Стефан Караџовски и Македонското научно друштво за заедничката организација на изложбата.

Таа истакна дека поставката обединува монографски и сериски публикации од богатиот фонд на Библиотеката и историски фотографии од приватната збирка на Караџовски, преку кои се претставени значајни градби и препознатливи делови од стара Битола.

Стефановска-Давкова најави и продолжување на празничните активности на Библиотеката, меѓу кои и активности со награди за читателите кои ќе творат на тема „Што ни значат слободата, правото на избор, храброста, патриотизмот и љубовта кон нашиот град Битола?“

Пред присутните се обрати и претседателката на Македонското научно друштво – Битола, проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, која го нагласи значењето на институционалната соработка и придонесот на Одделот за историски науки при МНД во реализацијата на изложбата. Таа изрази надеж дека оваа иницијатива ќе прерасне во трајна традиција.

Историчарот м-р Стефан Караџовски, член на МНД и претседател на Cultural Connection, го истакна значењето на зачувувањето на историските сведоштва, старите фотографии и колективната меморија како непроценлив дел од културниот идентитет на Битола.
Свеченоста беше збогатена со настап на хорот „Божилак“, кој изведе три македонски народни песни, внесувајќи посебна топлина и празнична атмосфера во одбележувањето на Денот на ослободувањето.

Изложбата уште еднаш потсети дека историјата на Битола не живее само во книгите и архивите, туку и во старите фотографии, градбите, улиците и спомените што се пренесуваат од генерација на генерација.
Зашто Битола не е само град со богато минато, туку и град кој има обврска тоа минато да го зачува за идните поколенија.
