hdr

Како што бројот на Русите емигранти во Битола се намножувал, така и барањата нивни се наголемувале, а организацијата се осмислувала и се ставала на сигурни основи. Кога заедницата станала и мала колонија се поставило прашањето за подигање руска црква.

Во месеците март и април 1926 год. членовите на Управата на Руската колонија од Битолската општина испратиле три писма со молба да им се доделат две бараки кои би биле употребени, едната за библиотека. Битолското градско поглавараство на 11 април истата година, расправајќи по нив под точка број 10, излегло во пресрет, барањето го оценило како оправдано и решило да им ги додели двете бараки. Мотивот бил „заслугите на рускиот народ кон сите Словени“.

Условот бил бараките да се вратат кога ќе престане потребата од нив, а земјиштето да се третира како општинско. Од страна на Општината договорот требало да го потпишат членовите на Поглаварството Владо Чакаревиќ) и Владо Ризов(иќ).
Од непознати причини, наместо две, била доделена една барака. Во месец мај 1926 год. бараката била поставена, која како црква ги добила традиционалните, руски обележја. Била посветена на Св. Тројца. На источниот дел бил исправен рускиот крст Многу поединци и многу руски семејства ангажирано биле вклучени во сета организација и во натамошната активност. Многумина одделувале значаен дел од своите скудни лични и семејни средства за да може таа да ја врши својата основна дејност.

Следниот месец, односно на 20 јуни црквата била свечено осветена. Битолскиот неделник „Јужна звезда“, кој излегол токму на денот на осветувањето забележал: „На ден 20 о.м. на првиот ден Дуовден во 7 часот утрото ќе се изврши осветувањето на новоподигнатата руска
црква во Битола. На церемонијата присуствувала целата Руска колонија, како и многу видни граѓани, како од цивилната, исто така и од воената власт. За работата на црквата бил напишан устав, се разбира, на руски јазик.

Во неа служел руски свештеник, исто така, на руски јазик. Во неделните денови течела богослужбата, а во четвртоците настапувал и рускиот црковен хор. За цело време на богослужбата биле ангажирани редари кои внимавале на потполната, божја тишина и внимание. Доколку некој не се придружувал кон востановените правила и разговарал, редарите го замолувале да излезе надвор.
Во 1927 год. олтарниот дел бил украсен со икони од иконописецот Иван Мелников.

Трошоците строго се контролирале. Била востановена книга, водена, исто така, на руски јазик. За ангажмани во работењето на црквата поединците биле наградувани. Висината на наградите биле од 100 до 1.000 динари. Во годината 1932/33 награди добиле: Б. Чернобак, С. Карпов, А. Писмениј, М. Ретјунски, И. Чунихин, Г. Троценко, Мазур, Петар М. Соколов, Ан. Бистрин, А. Г. Коелников, Б.Н. Подгорецкиј. Благајничката работа му била доверена на И. Спиродонов.
Црквата Св. Тројца била активна до 1940 год. по 1945 год. започнала да се руинира и фасадата скоро наполно падна, па се поведе акција од поединци да се возобнови….(продолжува)

Руската колонија во Битола, професор Александар Стерјовски