За првпат во историјата на Лигата на шампионите, Еурофарм Пелистер ја запиша големата победа против поранешниот европски првак – Загреб. Во битолската сала, пред полни трибини и спектакуларна атмосфера, „зелено-белите“ триумфираа со 25-23.

По мечот својата анализа ја дадоа и двајцата тренери.
Рубен Гарабаја (тренер на Еурофарм Пелистер):
„Многу луѓе ми зборуваа за атмосферата тука, ама додека не ја почувствуваш лично – не знаеш каква е магијата во оваа сала. Лесно е да се игра со ваква поддршка. Важно е што победивме во клучен натпревар за нас. Знаеме дека можеме уште многу да напредуваме. Вечерва уживаме, ама веќе од утре се подготвуваме за ПСЖ.“

Андрија Николиќ (тренер на Загреб):
„Знаевме дека ќе наидеме на тежок ривал со огромна поддршка од трибините. Имавме моменти за поголема предност, но домашниот голман го смени текот на мечот. Еурофарм Пелистер имаше повеќе среќа и умешност во клучните моменти. Очекувам и тие да растат со текот на сезоната.“

Со оваа историска победа, Битола уште еднаш докажа дека е вистински европски ракометен град.








