Една од учесничките на легендарниот детски музички фестивал СИДО, Ирена Маџаровска, и денес со насмевка се сеќава на деновите кога како дете застанала на големата сцена.

На СИДО настапила во 1994 година, а нејзината приказна започнала сосема спонтано, преку аудиции на кои отишла со другарчиња од училиште.
„На аудициина отидов со други другарчиња од школо. Не однесе наставникот по музичко. Дури по неколку аудиции моите дома сфатија што се случува“, раскажува Ирена низ смеа.

Како живо и темпераментно дете, верува дека токму тоа било причината да ја добие песната што подоцна ќе стане дел од нејзините најубави детски спомени.
„Бев живо дете и многу играв на аудиција, па затоа ми ја дадоа таа песна веројатно. Кире Костов нѐ слушаше и одлучуваше за песните според темпераментот на детето“, вели таа.

Песната што ја испеала е со музика на Марјан Нечак, текст на Валентин Соклевски, а аранжман на Миодраг Нечак, автори кои оставија силен белег во музичките спомени на многу генерации.
Денес, Ирена е далеку од фестивалската сцена, но музиката сè уште е дел од нејзиниот живот.

„Сега работам како наставник по англиски јазик во основно училиште во Ресен. Пеам со децата на школо и со моите деца дома“, вели Ирена.
СИДО, како што покажуваат ваквите приказни, не бил само фестивал, туку место каде се создавале спомени, пријателства и љубов кон музиката што останува засекогаш.
Фото Камерен Оркестар Дива

