По повод роденденот на еден од најзначајните македонски револуционери и мислители, Гоце Делчев, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола постави тематска изложба посветена на неговиот живот, револуционерна дејност и идејата што ја остави како траен аманет на идните генерации.

Изложбата преку внимателно одбрани фотографии, извадоци од периодични списанија и архивски податоци ја прикажува борбата на Делчев не само како стремеж кон национално ослободување, туку и како визија за праведно, достоинствено и културно напредно општество. Поставката нуди поширок контекст за неговата мисла и улога, истакнувајќи го како интелектуалец и визионер кој верувал во единството на народот и силата на културата.

Посебен акцент е ставен на неговата позната мисла: „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, која и денес има силна и актуелна порака. Таа го отсликува Делчевиот поглед кон светот , како простор во кој напредокот се гради преку знаење, култура и заемно почитување.

Од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола упатуваат отворена покана до граѓаните, учениците и љубителите на историјата да ја посетат изложбата и да оддадат почит на ликот и делото на Гоце Делчев. Изложбата претставува можност за сеќавање, но и за инспирација , потсетник дека идеалите за слобода, правда и човечко достоинство остануваат трајни вредности и денес.







