Вчеравечер во Битола, Министерството за комшиски работи, како дел од платформата КомшиLOOK, ја постави изложбата „Мементо“ во влезот и скалишниот простор на станбената зграда „Лепотиците 9“. На различни катови, покрај станбените врати, во лифтот и во ходниците се поставени вкупно 13 уметнички дела, интегрирани во секојдневните рутини на соседите и нивните комшиски средби.

Целта на КомшиLOOK и Министерството за комшиски работи е уметноста да се случува таму каде што се случува животот, надвор од институциите и традиционалните галериски простори. „Мементо“ го продолжува овој пристап, привремено претворајќи една станбена зграда во нестандарден, жив уметнички простор, достапен за сите жители и посетители.

КомшиLOOK претставува платформа која создава култура од секојдневието, активира соседства, гради односи и потсетува дека комшилукот е важна граѓанска вредност. Со преместување на уметноста во зградите, улиците и јавните простори, КомшиLOOK ги претвора урбаните простори во сцени за заеднички искуства и дијалог.

Изложбата „Мементо“ е отворена денеска (вторник) од 17:00 до 21:00 часот.









