Во Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола, на 3 јули (петок) со почеток во 20:00 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Дама со девет камења“ на мултидисциплинарниот уметник Иванчо Талевски. Ден подоцна, на 4 јули во 19:00 часот, ќе се одржи предавање и промоција на книга посветена на долгогодишното истражување за изгубените цртежи на Марко Цепенков и развојот на проектот.

„Дама со девет камења“ е мултимедијален изложбен проект што преку цртеж, графички техники, видео-проекции и звук ги истражува темите на индивидуалната и колективната меморија, историјата, припадноста и односот кон минатото. Во неговиот центар се наоѓаат две збирки цртежи – авторски дела на Иванчо Талевски и уметнички дијалог со музичарот и композитор Васко Дуковски инспириран од изгубените цртежи на Марко Цепенков.
Проектот произлегува од повеќегодишното творештво на Талевски, создавано за време на неговите патувања меѓу Битола и Филаделфија, при што секојдневните искуства, простори и општествени процеси се преточени во серија цртежи кои ги поврзуваат двата града и отвораат нови перспективи за минатото и иднината.
Посебен сегмент од изложбата е посветен на истражувањето на 235-те изгубени цртежи на Марко Цепенков. Во соработка со Васко Дуковски, тие се трансформирани во аудио-визуелен проект во кој звукот и визуелната уметност создаваат современа интерпретација на културното наследство. Централниот мотив е детската игра „Дама со девет камења“, чиј дијаграм станува основа за девет оригинални звучни композиции.

Изложбата претставува адаптирана верзија на проектот кој претходно беше изложен во Македонската академија на науките и уметностите, Центарот за графика во Филаделфија и Националната галерија „Чифте амам“ во Скопје.
Иванчо Талевски (1983) е мултидисциплинарен уметник кој живее и работи на релација Битола – Филаделфија. Неговите дела биле претставени во бројни музеи и галерии ширум светот, а добитник е на повеќе меѓународни награди и признанија. Од 2008 година предава цртеж, графика, сликарство и мултидисциплинарни студија на Универзитетот во Пенсилванија во Филаделфија.
Васко Дуковски (1984), родум од Охрид, е мултидисциплинарен музичар и композитор кој живее и работи во Шангај, Кина. Како професор и автор, неговите звучни проекти се претставени во реномирани музеи и галерии ширум светот, а во овој проект преку современи звучни композиции воспоставува нов дијалог со наследството на Марко Цепенков.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите во Нова сцена при НУ Центар за култура – Битола, а влезот е слободен.
