Еден период имавме една голема заедничка битка со битолчани. Тоа беше битка во која сите бевме единствени, со заеднички напори и голема храброст ја добивме. Ја добивме и тоа машки!…

Битката за Офицерски!

Војната за Битола веќе долги години ја губиме. Имаше мала надеж дека, од една ваква битка можеби ќе има голем пресврт и војната ќе ја добиеме. Постојано не убедуваат дека Битола била слепо црево, дека сме никој и ништо, дека Битола повеќе не е то што беше. А во цела Македонија нема барем еден град со толку големо, автентично културно историско богатство. Град каде е најубавиот Национален Парк со стари глечерски езера кој е на само 10 минути од нас. Град кој на 15 км. граничи со Европа и ја има најголемата житница и Рударско енергетски комбинат во Македонија. И што уште не. Со самото девалвирање истите не осиромашуваат со намера сѐ што е здраво останато да го земат за багателни цени и за беспари.

Така за малце ќе беше, замислете и за Офицерски. Битолчани најпрво бевме вчудовидени на објавата дека се продава. Сите бевме во неверување се до тогаш кога ја видовме продажбата објавена на електронска аукција. Благодарение на поединци (меѓу нив и Тоше Ивановски) се организиравме сите и успеавме да ги отрезниме и освестиме тогашните власти. Да тогаш бевме ние народот.

Ниту едните, ниту другите, бевме само битолчани. Со голем притисок го спасивме нашиот Офицерски од продажба…
Офицерски го спасија битолчани!
Офицерски се спаси, но не спасивме ништо повеќе. При една прошетка низ него со газење на искршеното стакло и низ делови од гипс картон со кои беше преграден првиот дел, на вториот кат го здогледав големиот лустер. Беше толку голем и убав што не ми се веруваше. Се гледавме очи во очи пет минути без здив. Неговите накривени свеќници беа тажна слика од состојбата во која тој се наоѓаше. Беа навалени како натажени свеќи кои ги дувнал некој ветер и едвај чекаат да догорат. Истиот беше обесен на големи ортоми и синџири кои завршуваа на таванот кои сигурно беа затегнати во поткровјето. Си реков голема среќа е што си барем ТИ читав (цел) и остана уште ТИ во него.

Тогаш Офицерски беше во една почетна состојба на уништување. Започнав по-мене и по-тебе, сакав да организирам и да превземам една поголема иницијатива тука, каде што сега вие ова го читате, за доброволно да се одбериме повеќе од 300 лица и да се групираме барем по двајца различни секој ден и да го обезбедуваме Офицерски. Да го чуваме од нашите сограѓани кои секој ден малце по малце го уништуваа. Замислете, да го вардиме од “нашите” (не)граѓани. Побарав совет од еден битолчанец кој живее во негова близина и тогаш најповеќе беше вклучен во борбата за Офицерски. Му ја раскажав мојата намера и идеја. Ми рече дека со тоа навлегуваме во други надлежности и дека не смееме тоа да го правиме. Едноставно ме замисли и премисли…
Не направив ништо, иницијативата остана само идеја, лустерот и Офицерски не го заштитив.

По неколку дена истиот беше намерно откачен и паднат, најверојатно заради месингот кој беше околу неговото тело, бидејќи само тој недостасуваше. Месингот кој вредеше илјада денари, да толку вредеше да се направи една непроценлива и историска штета. Само илјада денари. Ми остана како тежина. До ден денес мислам дека можев да го спасам и лустерот и поголемиот дел од Офицерски. Ги немаше бордурите цел месинг. Ги немаше и тажните свеќници. На земја беа само без сјајните мат-кристали и дел од железната конструкцијата. Преку посредник реагирав до Завод и Музеј Битола да го подигнат тоа што остана. Дојдоја и го прибраа тоа што остана. Тоа што остана од тоа што некогаш беше раскошноста и велелепноста на нашиот Офицерски, од спомените и убавините на нашата градска Битола. Сега имам само една желба. Сакам да се обнови и да го вратиме заедно пак…

Да го вратиме тоа што сме го имале некогаш. Наместо да правиме нешто ново.

Извини Офицерски…

https://m.facebook.com/BitolaMK/photos/a.786749194737433.1073741831.150325515046474/969585089787175/?type=3