Еурофарм Пелистер 2 – најмладиот тим во Суперлигата за сезоната 2025/26 – го комплетира својот ростер за претстојната натпреварувачка година, која започнува во септември. Тимот ќе се потпира на играчи од младинската екипа, која го освои четвртото место во првото издание на младинската Лига на шампиони.

Во таа насока, клубот потпиша четиригодишен договор со кружниот напаѓач Иван Велески. Седумнаесетгодишниот ракометар, висок 190 сантиметри, го потпиша својот прв професионален договор со матичниот клуб и од крајот на месецов ќе биде ставен на располагање на стручниот штаб за почетокот на подготовките.

Велески е едно од најперспективните имиња од младинскиот шампионат на Македонија, со забележителни настапи и на меѓународната сцена. Сега, за првпат, ќе добие шанса да се покаже и во сениорскиот ракомет.