Малкумина знаат дека една од најпрепознатливите знаменитости на Битола крие повеќе историски интересни детали кои со години го привлекуваат вниманието на домашните и странските посетители.

Меѓу нив е и необичниот приказ на римскиот број четири на часовникот, кој наместо вообичаеното IV, е испишан како IIII. Новиот бројчаник со римски броеви бил поставен во 1927 година, а токму оваа особеност денес претставува една од најфотографираните детали на Саат-кулата.
Во книгата „Битолски хорологион II“, проф. д-р Марјан Танушевски открива и други малку познати факти за градскиот часовник од неговиот механизам и камбаните, преку легендите за релјефот со птица и змија, до мермерната надгробна ара од II век вградена покрај влезот на кулата.
Авторот потсетува и дека Саат-кулата е висока 33 метри, до врвот водат околу 100 камени скали, а на секои три часа од неа одекнува препознатливата мелодија „Битола, мој роден крај“.
Ова е само мал дел од богатите приказни за битолското културно наследство што ги носи книгата „Битолски хорологион II“ на проф. д-р Марјан Танушевски – дело кое низ интересни историски записи открива помалку познати факти за Битола и нејзините знаменитости.
