Анета Светиева
Значењето на личните биографии и семејните истории во Македонија скоро да не постои како тема во нашите етнолошко-антрополошки текстови и списанија и во другите видови сродна литература. Дел од овие истражувања се среќаваат во приватните наследени семејни пораки што говорат за постанокот на некое семејство, главно во форма на семејно стебло. Факт е дека во создавањето на македонските семејни стебла не се тргнувало од некои правила за генетското следење и прикажување на личностите кои се појавувале во одредени временски интервали, заради што, тие како еден вид документи, остануваат недоволно јасни за надворешните лица. Разни примери и обиди за следење на постанокот на одредени семејства, макар и создадени онака како што сметал авторот, покажуваат дека таква потреба постоела во Македонија, и заради тоа се реализирала. Мене ми се познати тие појави. Сум видела неколку семејни стебла, но во тоа време сеуште сум била ученичка, и не сум обрнувала посебно внимание на тие цртежи. Постојат и примери кои можам да ги цитирам, како што е на пример генеологијата за родот Светиеви – родослов изработен од д-р Ристо Лозановски (1925 Битола – 2011 Скопје) − македонски агроном, професор на Земјоделскиот факултет и академик на МАНУ, кој пораснал во едно семејство од Светијовци. Во родословот се вклучени голем број семејства од родот Светијовци. Самиот родослов е конципиран на невообичаен начин, онака како што мислел авторот. Во родословот не е доследно и по ист принцип истражено секое семејство. Посебно недостасуваат податоците за родени – починати. Во моите сознанија за овој вид документарно творештво на семејните мрежи, посебно место во поглед на квалитетот и упорноста на авторот, претставува доктор Јован Топалоски, кој за мене беше вистинско откритие бидејќи освен со медицина, тој се бавел и со истражување на семејната историја. На неверојатен начин, тој исцртал, внел основни податоци, фотографии и друг вид докази и создал една сложена мрежа на сродства што ја нарекол „КОРЕНИ“, почнувајќи од најдалечните родоначалници, до денешни дни. Без прецизно броење, застапени се најмалку илјада лица. Освен тоа, грижливо ги сочувал сите семејни преданија и друг вид документи што настанале во семејството, пред се биографијата на неговиот татко Вељо Топалоски. Треба веднаш да се нагласи, дека распространетото именување на овој вид генеолошки истражувања со термините „семејно стебло“/„семејно дрво“ и сл. во реалноста само формално се користи, додека изработката на семејните мрежи и потеклото на родовите се претставуваат на различни начини зависно од мислењето на авторот. Во одредени примери стариот начин на именување сосема изостанува, и се користат други називи, како што е примерот со „Корени“ за генеологијата на др Јован Топалоски.
Ако се свртиме назад во македонската историја од 19 век, меѓу најпознати лични биографии и семејни истории претставуваат Автобиографијата на Григор Прличев и Биографијата на Марко Цепенков.
Григор Прличев (роден јануари 1830 – 31 г. во Охрид – умира на 6 февруари 1893 во Охрид). Неговата Автобиографија од личен, семеен и друштвен карактер, претставува убедлива слика на времето, општествениот живот, личниот живот на авторот, неговото семејство, грабливите постапки на соседните народи, притисокот од Грците како и начините на владеење на турско-албанската власт (Григор Прличев, Автобиографија, Библиотека Атлас, Македонска книга, Скопје, 1967). Во таа смисла, неговото дело со автобиографски карактер, претставува историски информатор, и документ за интелектуалниот капацитет на поедини Македонци во векот на будењето на националните желби за слобода. Искрено напишана, без калкулации, Автобиографијата на Прличев разобличила голем дел од намерите на неговите непријатели, кои биле истовремено и непријатели на македонскиот народ. Различните состојби, тешките животни ситуации, неможноста луѓето да бидат заштитени, осорноста на богатите, незаинтересираноста за сиромашните од страна на богатите и на власта и ладнокравното гледањето на целата таа слика од страна на станските мешетари – сето тоа ја прави мрачна и тешка сликата за несреќите на надарените поединци и целиот македонски народ.
Приближно слична е и биографијата на нашиот ценет преродбеник Марко Цепенков (роден во Прилеп, 7 ноември 1829 – умрел на 29 декември 1920 година во Софија, кадешто е и погребан.
На свој начин Цепенков преку сите свои дела од собирачката дејност од разни области од македонската народна култура, објавени во 10 тома на македонски јазик – прилепски дијалект, а посебно преку Биографијата (Пенушлиски, Кирил. Автобиографии на Марко Цепенков.—Македонски jазик,9, 1959, 1— 2). го прикажал своето семејство, разновидното богатство на народни кажувања од многу области на животот, ја прикажал историската реалност во Македонија во 19-ти век. Од една страна богатство на духот и интелигенцијата – од друга страна народна беда, болести, несреќи и неправедни казни.
Семејството на Марко Цепенков
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%9C%D0%B0%D1%80%D0%BA%D0%BE_%D0%A6%D0%B5%D0%BF%D0%B5%D0%BD%D0%BA%D0%BE%D0%B2#%D0%A1%D0%B5%D0%BC%D0%B5%D1%98%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%BE_%D0%BD%D0%B0_%D0%9C%D0%B0%D1%80%D0%BA%D0%BE_%D0%A6%D0%B5%D0%BF%D0%B5%D0%BD%D0%BA%D0%BE%D0%B2
Според моите сознанија што произлегуваат од долгогодишните теренски етнолошки истражувања, во многу македонски куќи по градовите, и во селата, постоеле вообичаени нарации од постарите за помладите за потеклото на семејството и за сродничките врски. Тоа биле задолжителни поуки бидејќи со познавањето на сродничките врски се обезбедувала семејната сигурност да не се здружат младите или преку мера да си се допаѓаат доколку се во сродство се до петто и до седмо колено. Согласно на овие семејни правила, тие што биле барем донекаде писмени, создавале семејни стебла, за да не дојде до забуни во поглед на сродството. Познавањето на луѓето од некоја етничка група или друг тип населба, било задолжително иако се вршело дискретно, поради народните правила за склучување брак. Но, од денешна позиција, тешко е да се дојде до тие документи поради тешкиот живот на македонското население под туѓинска власт, кое било присилено често да се преселува за да сочува барем дел од семејството, неопходниот имот или само голиот живот. По однос на строгите брачни правила, мојата колешка од Институтот за фолклор, Лепосава Спировска, ми ги објаснуваше начините на кои луѓето (конкретно од Галичник и мијачкиот крај), вршеле детални проверки на повеќе норми потребни за склучување брак. Истовремено нејзиното мислење беше дека тие наизглед необразовани селани знаеле повеќе за генетиката отколку ние денес, бидејќи бракот се сметал за најважна институција и во пракса не постоел развод.
Никола Цепенков
Според истражувањата на историчарката Виолета Ѓорѓеска од Музеј на Македонија, објавени во 2017 година на интернет страница со наслов „Кои се најстарите и најпознати македонски семејства?“, врз основа на документи од архиви, музеи, албуми, автобиографии, тапии, скици со стебла на имиња и роднински врски – може да се утврди изворот за истражување за голем број најголеми и најпознати македонски семејства. Постои можност за издвојување на податоци за кои семејства станува збор, каде живееле, како се формирале, што работеле, каде се движеле и од кога има податоци за најафирмираните лози. Истражувањата покажале дека станува збор пред се’ за градски семејства, низ чии лични архиви биле добиени информации како го создавале богатството, за што го трошеле, какви занимања одбирале и како се адаптирале низ вековите на начинот на владеење на разните властодршци. На тој начин била собрана документација што дала подлога за историска, економска, образовна и културолошка историја за одделни градови и цели региони. Виолета Ѓорѓеска од Музејот на Македонија се повикува на реализираната изложба на оваа занимлива тема во 2016 година, кога биле прикажани 39 лози од познати презимиња со различно етничко потекло, од Македонци, Власи, до Срби и Турци. Авторката истакнала дека речиси нема град во Македонија што не си ги знае таканаречените угледни семејства и нивните наследници, како на пример, во Охрид Робеви, Шапкареви, Груеви, во Битола – Кампаре, Хаџилега, во Крушевско-Дика, Букле, во Дебарско – Крлиу, Штипско – Чепреганови, Влашки, Балабанјан, Велешко – Киркови, Хаџимишеви, Органџиеви, Галичник – семејства на Зографски, Фрчкоски, Филиповци, Скопје – Рубин, Аницин, Настеви, Османли, Милачиќ, Ераковиќ…
На овој начин цитираните родови изобилуваат со недоречености, бидејќи, во одредени градови и населби од каде што потекнуваат моите претци и јас, (Битола, Песочница – Леринско, Дебар, Крушево), освен влашки и турско-албански родови, гледано во целина, најголем е бројот на македонските родови. Веројатно и читателите што потекнуваат од другите наведени градови и населби, ќе пронајдат слични пропусти. Лежерноста по однос на податоците за родовите, произлегува од фактот што текстот е во основа еден вид интервју, а објавениот текст е прикажан како авторски труд на Александар Чомовски.
Сличен интерес за старите семејни стебла/родослови е забележан во Тетово (http://www.gavro.com.mk/tetovcani/rodoslovi), со главен наслов: „Тетовчани“ и поднаслов: „Семејни Родослови“. Од 14. ноември 2010 година започнал проект во кој секој Тетовчанец ја надградувал историјата на својата фамилија и на Тетово: Собирање на фамилијарните (родослови) – стебла на сите стари тетовски фамилии за прв пат на едно место и за прв пат на интернет. Автор на порталот бил Дарко Гавревски. Во таа група тетовски родослови се забележани 23 семејни родови со имиња/презимиња/прекари, и тоа:
Џиковци (Саровски); Бојаџиески; Мартиновци; Ветеровци; Шалтановци; Бизмарковци; Гулевци; Бошкоски; Бучковци; Ќеманевци; Гонџевци (Закоски); Мајоровци; Ќензовци; Пејчиновци;
Џенариковци; Циповци; Ласмановци; Мојсиќовци; Сребрендирек; Ајковци; Бутиковци; Тикваровци; Стерјоски – вкупно 23 семејства.
Истовремено е дадена можност детаљно да се разгледа секој родослов и начинот на презентација на личностите. Од приложеното може да се констатира дека родословите се прикажани согласно поновите техники и постапки што денес се применуваат во светот.
Меѓутоа, и покрај амбициозните истражувања, евидентно е дека во македонските услови на живот, се помалку се троши време за содавање или дополнување на семејни стебла, и оваа поранешна пракса постепено се губи.
На друг алтернативен начин, траги на таков вид податоци се среќаваат во македонската литература: („Фамилијарно дрво“ – кус расказ на македонскиот писател Драган Георгиевски од 2013 година; „Семејството Огулиновци“ – расказ на македонскиот писател Живко Чинго од 1963 година, итн.) Но иако во некои дела се користени конкретни податоци за одредени личности, сепак нивното потекло не се открива, така што вистинските личности и настани остануваат непознати и читателот ги доживува како дел од творечкиот порив на писателот.
Покрај наведените примери, постојат и други што се однесуваат на некои упатства како да се создаде семејно стебло. Но, постојат и редица други примери на чудни текстови што не се поткрепени со изворно потекло, односно не се знае од каде потекнуваат.
Во поглед на стручните упатствата, најчесто се користи сајтот:
Kako napraviti porodično stablo – Izrada porodičnog stable
мак.: Како се прави семејно стебло – Изработка на семејното стебло
– Дадени се разни можности за изработка на семејно стебло:
https://www.google.com/search?q=porodi%C4%8Dno%20stablo%20izrada&tbm=isch&hl=hr&hl=hr&rlz=1C1PRFC_enMK747MK747&ved=0CJcBEKzcAigAahcKEwjw-Zy4z5fqAhUAAAAAHQAAAAAQAg&biw=912&bih=546
Во спомнатиот текст: Изработка на семејното стебло:
https://www.google.com/search?q=kako+izraditi+porodi%C4%8Dno+stablo&oq=k&aqs=chrome.0.69i59j69i57j69i60l2.4167j0j7&sourceid=chrome&ie=UTF-8 , дадени се слики за прашањето: Како се прави семејно стебло – Изработка на семејното стебло:
https://www.google.com/search?sxsrf=ALeKk02LYlsCQITgYGhsLz_g3xUzclJWew:1592911904944&source=univ&tbm=isch&q=kako+izraditi+porodi%C4%8Dno+stablo&sa=X&ved=2ahUKEwj5joKi65fqAhXbAxAIHYuoAr4QsAR6BAgKEAE&biw=929&bih=612
Може да се видат голем број примери што произлегуваат од темата за создавање и промоција на одредени типови семејни стебла, што одат под исто име, иако според начинот на изработка и презентација на податоците за потеклото на сродниците суштински се разликуваат едни од други.
Во друга група на чудни наслови и преводи, на интернет ќе најдете повеќе македонски текстови за начинот/постапката за создавање семејно дрво, но тие се често со јазични нелогичности и повеќе од јасно е дека се копирани и преведени од „гугл преведувачот“, но во ниту еден пример не се дадени податоци за изворот, односно за оригиналниот странски текст. Освен тоа, ниту еден текст и дадените илустрации, воопшто не се идентични или барем блиски на изворните македонски примери на семејни стебла. Обратно, дадените текстови и сите илустративни примери се веќе видени на странските сајтови за оваа проблематика. Заради овие недостатоци, најдобро е да ги прескочите.
Такви се текстовите од кои не се гордееме:
– Како да се направи семејно стебло
https://picsearch.pp.ua/statii/kako-da-se-napravi-semeno-steblo-2.html
– Како да се направи семејно стебло. Чекор по чекор Водич
https://mk.delachieve.com/%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%B4%D0%B0-%D1%81%D0%B5-%D0%BD%D0%B0%D0%BF%D1%80%D0%B0%D0%B2%D0%B8-%D1%81%D0%B5%D0%BC%D0%B5%D1%98%D0%BD%D0%BE-%D1%81%D1%82%D0%B5%D0%B1%D0%BB%D0%BE/
– Потекло – семејно стебло
https://play.google.com/store/apps/details?id=com.andromo.dev601172.app879539&hl=mk
Од последните наведени примери на создавање биографски и семејни истории, може да се види дека доминира одредена површност и дека се ретки примерите што навистина целосно се однесуваат на темата.
За разлика пак, истата тема е богато застапена во светот. Се однесува на истражувањата на лични и семејни стории на кои им се дава големо значење во светот, како на етнолошки и генеолошки материјали со голема историска вредност, поради што се истакнуваат 20 причини заради кои би требало да се напише лична и семејна историја (1.Reasons Why You Should Write Your Family History, by Carmen Nigro, Managing Research Librarian, Milstein Division of U.S. History, Local History & Genealogy, Stephen A. Schwarzman Building, February 9, 2015). Дури се препорачува на лицата кои немаат дарба за пишување, со своите материјали и лична нарација за нивната семејна историја да се обратат кај одредени писатели кои знаат на кој начин и со која методологија да ги презентираат податоците, семејните стебла и слични додатни документи, како фото и видео документација, итн. Во светот постои голем респект кон нарацијата за семејните истории и се третираат како важни културно-историски документи. Истовремено се истакнува дека овој книжевен жанр некогаш се однесувал на богатите личности и семејства, што одамна, посебно денес, не е секогаш случај, бидејќи преку личните биографски и семејни содржини се „читаат“ многу значајни историски податоци за времето, општеството, културата, навиките и редица други специ-фични податоци што придонесуваат историјата да се гради подед-накво од погледите и учеството на сите луѓе, а не само од одредени лица од врвот на некое општество. За потребите на овие литерарни, научни и друг вид податоци од биографско, семејно или генеолошко потекло, постојат на располагање редица погодности, институции, библиотеки итн., како на пример: Оксфордски речник на семејни имиња во Британија и Ирска; Издание на родословната (матична) библиотека за родените, венчаните, умрените, итн; „Пронајди го моето минато“ – податоци за семејните истории во Велика Британија, вести и водичи; Британски архив на весници; „Твоето семејно дрво“; Оксфордски речник на националните биографии – лични и биографски податоци за повеќе од 60.000 луѓе који ја обликувале историјата и културата на британските острови, од времето на Римјаните до 21 век, итн. (2. Biographical, historical and family history:
https://libraries.essex.gov.uk/reference-and-courses-online/reference-materials/biographical-historical-and-family-history/)
Детаљно се прикажани истите или сличните погодности за овој вид етнолошко-антрополошко и литерарно истражување, и за голем број држави, народи, од Европа, светот, итн., како на пример: „Светски биографски информативен систем, кој содржи американски, британски, француски и германски биографски написи од печа-тените референтни дела објавени од шеснаести до дваесетти век“.(3. Biography and family history: general resources:
https://wellcomelibrary.org/collections/subject-guides/biography-and-family-history/biography-and-family-history-general-resources/
Покрај многубојните упатства и погодности во архивите, конкретните списанија, научна литература, разни упатства, итн., постојат голем број речници под едно име: BIOGRAPHICAL DICTIONARIES (БИОГРАФСКИ РЕЧНИЦИ):
1.Оксфордски речник за Националните биографии
2. Речник на Америчките биографии
3. Речник на Австралиските биографии
4. Нови национални библиографии (Белгиски речник)
5. Речник на Канадските библиографии
6. Речник на француските библиографии
7. Германска библиографска Енциклопедија
8. Речник на библиографии на Италијаните
9. Нов Холандски биографски речник
итн.
Околу оваа материја може уште многу да се дискутира, но во конкретниот случај, поводот е да ги заинтересирам читателите за овој вид етнолошко-антрополошки, историски, и друг вид истражувања. Македонскиот народ има многу причини да ги обелодени на свој начин периодите на туѓинската власт, како и периодите на современите случувања. Познато ми е дека во државниот Архив на Р. Македонија, постојат текстови со податоци за местата и начините на живот во најјужниот дел на Македонија (сега во Грција), пишувани од „нашинци“ – Македонци од тие предели, населени во Р. Македонија, како и сеќавања на живи потомци на „старите бежанци“ од тие предели кои живеат во Струмичко и други македонски места. Тие во текот на својот живот веројатно слушале од постарите членови на семејството, посебно од жените, како страдале и се снаоѓале, понекогаш оставајќи ги бебињата на судбината, за да се спасат од сигурна смрт. Такви кажувања сум слушала во 1984 година, во село Свидовци – Струмичко, од постара жена на 73 години, Ана Трајкова „стара бежанка“ од 1913 година, од с. Шеќерлија – Кукушко. Тоа се потврдува и со искажувањата на познатиот белградски адвокат Тома Фила, битолчанец по потекло влав, кој истото тоа го слушал од својата баба и тетка („Во центар – Васко Ефтов и Тома Фила: Зошто не се подели Македонија? – 07. јуни/2020 – YouTube).
Нашите лични биографии и семејни истории би претставувале голем придонес кон македонската историја од минатото до денешни дни. Кога никој не би размислувал во таа насока и кога не би постоела причина да се пишува сопствена биографија и семејна историја, тоа би била непозната потреба не само кај нас туку и во сите други земји. Но, како што може да се констатира од наведените податоци, тоа воопшто не одговара на вистината. Секое време има свои карактеристики, а како што е познато, тие факти не е паметно да се одбегнуваат бидејќи со тоа се создава лажна слика за луѓето и за земјата во која живеат. Од тука произлегува дека по примерот на европските држави кои со векови грижливо собираат податоци од биографиите и семејните истории, неопходно е да го истражиме својот живот, животот на своите претци како и амбиентот во кој се живеело, бидејќи со прогласите „да го заборавиме минатото“ си нанесуваме штета и ја претвараме нашата татковина во „вчерашна творба, со краток век. Потребно е да ја запознаваме систематски, и на тој начин многу повеќе ќе ја цениме. Тоа си го должиме најнапред на самите себе, на идните поколенија а истовремено и на својата татковина.