На Државното првенство за кадети и јуниори, кое се одржа на 15 ноември 2025 година во ОУ „Крсте Мисирков“ во населба Ченто – Скопје, карате клубот „Заншин До“ – Битола постигна историски успех, освојувајќи злато и сребро во ката тим.

Златниот медал во машка конкуренција го освои тимот во состав: Александар Божиновски, Михаил Марковски и Давид Стојчевски, кои со овој успех обезбедија пласман на Европското првенство во ката тим мажи. Ова претставува прв историски државен шампионски медал за Битола во категоријата ката тим кадети–јуниори.
Со сребрен медал се закити женскиот ката тим во состав: Леона Алиловска, Елена Јончевска, Емилија Илковска и Надалина Талевска.

Тренерката Стевка Јанковска Петковска со голема гордост истакна дека овој успех е резултат на долги години напорна работа и посветеност:

„Катите бараат долгогодишна работа и дисциплина. Сите овие такмичари веќе 10–12 години тренираат секојдневно, и постепено се исполнуваат поставените цели. Тука не застануваме – продолжуваме со подготовки за нови предизвици.“
К.К. „Заншин До“ – Битола упатува благодарност до сите поддржувачи и најавува уште поголеми спортски успеси.





