Учениците од Новаци повторно ќе уживаат во убавините на Пелистер преку иницијативата „Зелени денови на Пелистер“, која се реализира преку трипартитна соработка помеѓу АД ЕСМ, ЕСМ Молика ДООЕЛ Битола и Општина Новаци.

Вкупно 150 ученици од прво до деветто одделение од ЦОУ „Славко Лумбарковски“ – Новаци ќе имаат можност да поминат дводневен престој во прекрасниот амбиент на Хотел „Молика“, каде што низ дружење, игра и креативни активности ќе ги почувствуваат придобивките од престојот во природа и чистиот планински воздух.

Директорот на Термоелектрани при РЕК Битола, Никола Кузмановски, истакна дека продолжувањето на оваа долгогодишна практика претставува потврда за општествената одговорност на компанијата и грижата за најмладите.

„Како општествено одговорна компанија, АД ЕСМ, во чии рамки функционираат РЕК Битола и Хотел Молика, секогаш се труди да биде двигател на заедницата и поддршка во различни области од секојдневниот живот. Свесни за предизвиците, ја препознаваме потребата фокусот да го ставиме на младите генерации, нивното здравје, образование, дружење и градење на вистински вредности“, изјави Кузмановски.

Оваа активност претставува уште еден доказ за успешната и континуирана соработка меѓу Општина Новаци и АД ЕСМ, насочена кон создавање подобри услови за раст и развој на децата и унапредување на квалитетот на живот во локалната заедница.
Втората група од уште 75 ученици со нетрпение го очекува своето тргнување кон Пелистер, кое е предвидено за оваа среда, продолжувајќи ја приказната за детска радост, дружење и учење во прегратките на природата.
