„Звук што расте“ – Камерниот оркестар „Саша Николовски – Ѓумар“ вечерва со концерт на „Илинденски денови“

од July 29, 2026 0 коментари

Во рамките на 56. издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, вечерва во Офицерскиот дом во Битола ќе настапи Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија „Саша Николовски – Ѓумар“ со концертот „Звук што расте“.

Оркестарот, кој речиси четири децении претставува значајна платформа за афирмација на млади музичари, го носи името на маестро Саша Николовски – Ѓумар, еден од најистакнатите македонски диригенти и педагози. Роден во Битола, Ѓумар остави длабока трага во македонската музичка култура преку својата работа како диригент, професор и ментор на бројни генерации уметници.

Концертот „Звук што расте“ ја симболизира токму таа континуирана мисија – пренесување на знаењето, искуството и љубовта кон класичната музика од генерација на генерација. Пред битолската публика ќе настапат млади музичари кои преку својата изведба ќе ја потврдат вредноста на музичкото образование и уметничкото наследство што продолжува да живее.

Настанот ќе се одржи вечерва, 29 јули, со почеток во 20:00 часот, во Офицерскиот дом во Битола, како дел од програмата на фестивалот „Илинденски денови“.

Babam Bitola

Comments are closed.