Нов голем успех на тимот на Болница „Плодност“. Кај пациентка на 52 годишна возраст, со карцином на ендометриум на матка (серозен тип), по лапароскопски пат направено е отстранување на матката со јајниците и лимфните жлезди во карлицата.
Ваква обемна и сложена операција Total laparoscopic hysterectomy cum aortocaval and pelvic node dissection е прва операција од овој вид, направена во Македонија.
Оперативниот зафат траеше 3,5 часа. Пациентката истата вечер беше подвижна, а болницата ја напушти по три дена од оперативниот зафат, во одлична состојба.
Бенефитите од овој оперативен зафат се многубројни: побрзо опоравување, помал губиток на крв, помала болка и поголем естетски ефект, бидејќи се избегнува огромниот хируршки рез на стомакот. Уште поголема предност на лапароскопскиот пристап е поегзактно и поефикасно препарирање на лимфните жлезди во однос на класичната хирургија. Со вадењето на парааорталните, паракавалните и пелвичните лимфни жлезди, се одредува поточно стадиумот на болеста.
Оперативниот тим, кој ја изведе досега лапароскопски најсложената операција во Македонија, ја сочинуваа браќата д-р Христијан Трпчевски и д-р Синиша Трпчевски, анестезиологот д-р Филип Трајковски, медицинска сестра – инструментарка Билјана Стојковска-Наумовска, и медицинска сестра од анестезиологија, Ирена Стојановска. Д-р Синиша Трпчевски е првиот македонски гинеколог кој работи роботска хирургија во Австрија.