Пишува Љубица Ангелкова
Пред три години, заедно со Мирко Попов, ги донесовме во Битола Nipplepeople.
Тоа беше вечер кога електрониката се судри со носталгијата, а Јагода клубот пишуваше историја.
Во текстот што го напишав тогаш и кој го пренесоа многу македонски портали, зборував за нишката што ја поврзува Битола со нивниот голем хит „Фрка“.

А таа нишка беше Кире Митрев, битолчанецот кој ја напиша музиката.
Неколку дена подоцна, ми стигна порака од неговата сопруга Силва:
„Lepo je da Kiretova muzika i dalje živi i da mladi ljudi otkrivaju prave vrednosti.“
Тие зборови ми останаа врежани, едноставни и вистинити.
Тогаш го славевме Кире.
Денес го испраќаме.
Но, на ист начин, со почит и благодарност.
Како што го испративме и Мирко, пред нешто повеќе од една година…
Кире беше дел од онаа генерација што ја направи музиката култура.
Генерација на мајка ми, па затоа знаев многу детали.

Беше пријател со вујко ми Васко Бошковски, кој свиреше во ВИС „Скромни“, заедно со Сашка Петковска, Кире Костов… луѓе што мојата мајка ги нарекуваше „градска класа со слух“.
Во тие времиња, тие музичари не беа ни свесни дека создаваат голема музика, од еден мал град.
Кире подоцна замина во Белград, но никогаш не ја прекина врската со Битола.
Им помагаше, советуваше, праќаше партитури и зборови што хранеа амбиции.
Потоа го создаде KIM, соработуваше со најдобрите, имаше стаж на Berklee College of Music, и остана маестрален тромбонист со рафинирана естетика.
Во Белград го нарекуваа „македонскиот џез ум“, а во Битола — ретки личности се сеќаваа на него.
Сите го опишуваа како скромен, елегантен човек, со мала, мудра насмевка — како на кавер од стара џез плоча.

Како новите генерации го открија Кире
Nipplepeople пред неколку години кренаа „фрка“ и покажаа како се прави електронска музика.
Инспирирани од песната на легендарната Зденка Ковачичек од 80-тите, ова дуо ѝ даде нов живот на ретросинглот „Фрка“.
Нумерата, која уште во 1981 беше пред времето, имаше исклучително провокативен текст од актерката и поетеса Славица Марас, често коригиран поради својата слобода.
А автор на музиката?
Нашиот Кире Митрев, битолчанец и водач на групата КИМ.
Го нарекуваа „белградскиот Македонец“ , затоа што многу години живееше таму.
Има завршено стаж на Berklee, бил бараn session-музичар и лидер на еден од најамбициозните џез-фанк состави во поранешна Југославија.
Наместо збогум
Така напишав пред три години.
А денес, пораката за неговата смрт ме потсети дека уметниците никогаш не заминуваат — тие само преминуваат во друга фреквенција.
Она што го оставиле е доказ дека живеат без прекин.
Некои луѓе заминуваат, но не исчезнуваат…

Остануваат како фреквенција на која случајно ќе го наместиш радиото и ќе си речеш:
„Еве, тоа е животот. Без филтер.“
Ми недостига вујко ми Васко Бошковски, недостига Мирко, а сега и Кире…
Како мој личен триаголник на луѓе кои ме поврзаа со музиката.
Луѓе кои создаваа музика, живееја музика…
И сега, кога тие звуци полека се претвораат во спомени, единственото што можеме да кажеме е:
Фала за музиката.
И за времето кога сè звучеше вистински.





