На 3 мај 1942 година во борба со фашистичкиот бугарски окупатор кај с. Ореово загинала Народниот херој, легендарната Бисера – Елпида Караманди.
Родена е во Лерин, на 1 јануари 1920 година во семејството на Марица и Ташко Бегу кое од Битола се прееселило во Лерин. Татко ѝ набрзо починал. Мајката Фаница заедно со Елпида се вратиле во Битола, а двете сестри останале кај баба им. Подоцна Фаница се омажила за Ставре Караманди- трговец од Битола, кој исто така останал сам со своите деца бидејќи му починала сопругата. По завршување на основното образование се запишала во гимназијата. Била солиден ученик, член на училишниот хор, имала убав глас.
Во 1938 година се запишала на белградскиот Филозофски факултет – група англиски јазик. Белград бил центар на напредното движење во кој студирале и работеле многу македонци (Стиф Наумов, Мирче Ацев, Коле Чашуле, Кузман Јосифовски, Лилјана Чаловска и др.) Како студент од 1938 година учествувала во македонското студентско движење на Белград. Во 1939 година станала член на СКОЈ. Учествувала во демонстрациите по повод нападот на Хитлер на Чехословачка, после кои биле затворени многу студенти, како и во мартовските демонстрации. Потоа се вратила во Битола. По бугарската окупација во 1941 година се запишала на Софискиот факултет- група англиски, но никогаш не отишла да студира во Софија.
Учествувала во растурањето на пробугарско собрание на тн. Национален комитет, кој наместо пробугарски станал комунистички, благодарејќи на присутноста на околу 300 напредни младинци, а Елпида била внесена во кандидатската листа под реден број 12. Овај настан полицијата го оценила како добро осмислена комунистичка акција. На 22 јуни 1941 година била примена во КПЈ и добила задача да биде организатор на женската младина во комунистичкото движење и во Националноослободителната и антифашистичка војна на Македонија.
По 11ти Октомври 1941 година бугарската полиција извршила голема блокада во Битола и имајќи некакви сознанија за партиската организираност ја притвориле Елпида заедно со 30-тина другари кои ги сместиле во зградата на полицијата ( позната денес како Пионерски дом). Храбрата Елпида ги издржала бруталните ѕверски тепања, до бесвест, ништо не признала, па заради немање докази била ослободена .По враќањето дома на мајка и рекла на кучињата уште еднаш жива не им се давам. Преминала во илегала, често ги менувала илегалните станови, излегувала преправена како анка, како баба и сл.
Наскоро, во јануари 1942 година, е избрана за член на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија.
На 15 април 1942 година, се приклучила кон третата група борци, а по пристигањето на последната група на, ден 22.04.1942 година од пристигнатите борци се формирал првиот Битолски народноослободителен партизански одред „Пелистер“. По фаќањето на Ѓорѓи Наумов, Тефико и Никлецо, од бугарската фашистчка војска и полиција на 1.5.1942 година, одредот од Лавчанска корија се префрлил во Ореовско, неколку борци се изгубиле во тревогата што настанала, а некои заминале за да воспостават врска со Стив во Битола.
На 3ти Мај од одредот останале само 7 борци кои ја прифатиле директната борба со фашистичкиот окупатор. Во борбата таа загинала, а според некои наводи прво била тешко ранета и заробена по што ја влечеле врзана за запрежна кола по битолските села за да го заплашат населението и така починала. Уште во истата година била објавена првата народна песна „Нада (вториот псевдоним на Елпида) студентката за народ загина, за народ загина – за Македонија,“ во знак на почит на нејзиното херојско дело. Опеана е и во познатата народна песна „Таму ле, мајко, близу Битола“ од 1950 година и во други народни и авторски песни.
Прогласена е за народен херој на Југославија на 11 октомври 1951 година.
Сојуз на борци од НОАВМ 1941-45