,,ИМБ” е бренд на кој со право треба да се гордее секој битолчанец. Слават некој јубилеј годинава и на ТВ рекламите слики од историјата. Жени покрај некои казани и буриња, со престилки бели и нешто работат; па некои простории од внатрешноста на млекарата – која ако некој не знае беше кај Дулието под Еврејските гробишта. Дел од нејзините објекти мислам сеуште постојат, а дел се опфатени од парцелата веќе подготвена за некоја нова градба.

Два камиони, една Фијатка, еден шпедитер со коњска влеча за на Баир маало и 7,8 точаци со приколица, за разнесување на млекото низ Битола. Реони и пунктови кај што се вршел претовараот и туркање по калдрмата на рачен – ножен погон во секоја улица, во секое маало. На снег и дожд, на плус 30 и на минус 15.

Дистрибутивна мрежа – ќе речат денеска, со комерцијалисти, или со агенти за продажба. Во 00.30 ч. за на работа и обично по 2 тури, или 500 – 600 стаклени шишиња – пред секоја врата и до 8.00 ч. да се разнесат. Плаќање еднаш месечно ,,на рака” а запишување нов муштерија секој ден и со препорака: ,,Оди кај комшијата има принова” .. или ,,Се доселија сега в град и кравите ги продадоа”.

Празното шише морало да стои кај што е договорено, за да се остави полното: кај сарделата, во џамџето подотворено, во камарата кај кералцето, зад наланите пред авурот. Секако и пред врата на 4 спрат кај капетанот, во оние зградите што тогаш и не биле многу.
Поздрав од Славе ,,агентот за продажба” од 1966 – 1969, до неговите колеги од тие времиња и до нивните семејства: Божо и Иљо бимбиљо – шофери и Диме, Благој, Славе, Фидан, Томе – млекари. Секако, поздрав и до Целе портирот и до тогашниот директор.

Честит јубилеј и нека се множат…

Благодарност до Драган Груевски за текстот и фотографии.