СНОШТИ ПОМИНАВ, ЗАМИНАВ ПОКРАЈ БИТОЛСКИТЕ КАСАРНИ …. Поминав , ама ги нема повеќе ! Ова ќе биде еден носталгичен расказ за БИТОЛСКАТА КАСАРНА !

На почетокот на седумдесетите години од прошлиот век се вселивме во зграда која се наоѓа на улица Партизанска и во тоа време буквално беше на крајот од градот ! На неколку метри од зградата немаше ниту улица . Се тешев со тоа што Шеталиштето ми беше блиску и што карши нас се наоѓа касарна полна со млади војничиња ! Не будеше наутро трубата а навечер повторно ќе се огласеше , кога порано од нас одеа на спиење !

Бевме сведоци на доаѓањето на новите класи војничиња и полагање на заклетва кога улицата ќе се преполнеше со коли , роднини и пријатели од сите бивши југословенски републики . Постојано го чистеа тротоарот од отпадоци, лисја, снег собирајќи ги во некои стари шаторски крила ! Кога во зимскиот период се враќав дома од работа, улицата полуосветлана, нема жив човек, јас поминував од другата страна на тротоарот покрај оградата на касарната . Добивав храброст од младите војничиња- стражари со пушката преку рамо, сместени во малите бетонски стражарници ! Некогаш и ќе се поздравевме !

Потоа почнаа во дворот да ги садат малите борчиња кои по години станаа големи , вистински ѕид од зеленило , нашите бели дробови на улицата која во тој период стана најпрометна, откако се изгради болницата и населбите над неа ! Тогаш на некој му текна да ја дислоцира касарната , односно таа повеќе ја изгуби својата улога !

Се уште не ми е јасно образложението дека не треба да постои касарна во град кој е пограничен , небаре ќе нападневме некоја држава со оружје што веќе го немавме ! Почнавме со нашите идеи зошто може да се искористи најелитниот простор во Битола !

Најмногу навивавме да се претвори во студентски град , со сите факултети и студентски домови и повторно ќе имавме млади луѓе, со нивната врева и игри ! Ќе се искористеа многу од постојните згради и немаше да се исечат сите борови ! Ги залепија новоизградените згради до оградата на касарната и сега немаме ниту зеленило , ниту ветерчето што ни дуваше и не разладуваше од Тумбе кафе ! Ако сега го отвориш пенџерето или балконската врата , станот ќе ти се исполни со мирис на нафта, бензин, плин !

Ако некој иден градоначалник добие идеа да ја прошири улицата, единствено решение е да ги земе тротоарите и паркчињата пред зградите и улицата да ни минува директно пред влезот ! Станавме жртви на нечија алчност , неспособност, безидејност ! Но кому му е гајле што ни го зедоа воздухот, го уништија зеленилото и сега со комшиите од карши можеме да се поздравуваме и да внимаваме како се шетаме по дома ! Посебен поздрав до сите жители на улицата Партизанска !

АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА

Фото насловна DJmak