Кога сме кај идентитетот….

Идентитетот на Битола не е напишан во книги, туку во срцето на секој што чекорел по Широк Сокак. Тоа е град што не се обидува да биде нешто друго – туку гордо стои таков каков што е. Со кафе што трае со саати, со поздрав што почнува со „Кај си брат“, независно дали се машки или се женски. Со мака што се претвора во шега, и со историја што тивко шепоти од камените улици.

Битола е и Европа и чаршија. И минато и отпор. И поглед наназад и инает за напред.
Тука луѓето се расправаат со страст и сакаат со душа. Тука те знаат по баба ти.
Тука сè мириса на нешто старо – и на нешто што не смееме да го изгубиме.

– Битолскиот идентитет е она кога пиеш кафе три саати и никој не те прашува зошто.

– Кога знаеш дека „Ај удолу“ не значи само прошетка, туку и состојба на духот.

– Кога ти недостига Битола и пред да ја напуштиш.

Во тој идентитет живеат и пајтоните, со своето ехо низ калдрмата – спој на елеганција и спокој.
Живее споменот на конзулите, кои го претворија градот во дипломатски центар, прозорец кон светот.
Живеат бекриите и боемите, чие работно време почнуваше со зајдисонце, а завршуваше со песна и серенада под некоја веранда кај љубената.
И секогаш некаде таму, под сенка, стои Дембел Чаршијата, каде времето не брза, а муабетот си е натенане.

Идентитетот во Битола околу јадењето? Па тоа не е само оброк – тоа е ритуал.
Неделниот ручек е светост, кај баба се јаде три пати, а без нешто „на лајца“ не се чувствуваш сит. Салата, ручек, благо, кафе
Во Битола се знае: ако не си барем малку прејаден – не си добредојден.

Не е ова град што се менува според модата. Ова е град што останува свој.
И кога ќе го изгубиме тој идентитет – не сме изгубиле град, туку себе.

Е тоа е нашиот битолски идентитет, кој не е кило пиперки како шо ни држат предавање оние од ЕУ…