​Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6ти јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Зборот Бадник доаѓа од зборот да бидеш буден. Таа ноќ сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“.

 

Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството.

 

Традиционално, во Битола и Македонија семејството се собира на вечера на Бадник. Се подготвува богата трпеза исклучително со посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и друго, што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане цела ноќ.

Бадниково гранче

“Но, можеби, највпечатливо пред Бадник некогаш било во Битола. Таму најмладите, се разбира, со помош на повозрасните, со особена љубов и радост правеле мала пештера, која ја симболизирала Витлеемската пештера, и собрани во дружини ја носеле од куќа во куќа, тропајќи со дрвено чеканче по вратите и со песна им возвестувале на сите за воплотувањето на Божјото Слово. Битола некогаш била пример за христијанската соборност и каде што, поради многубројните цркви и манастири, животот прилегал на вистинска заедница, со особена ревност се негувала оваа убава традиција. Можеби и затоа таа беше меѓу единствените градови во Македонија каде ваквото навестување на Божик се задржало и до наши дни, макар и само како бледа сенка на некогашното торжество. За слава Божја, од пред неколку години беше возобновена оваа прекрасна Божикна манифестација, и тоа не само во Битола, туку и во други градови од нашата земја, каде што може да се види како многу дечињата, собрани во своите маалa, носат импровизирани пештери, т.н. ’спилеони‘, украсени со икони на Рождеството, свеќички, кандила…

Витлеемска пештера од св.Јован Бигорски

 Самиот збор ’спилеон‘ сведочи за старото, византиско потекло на оваа традиција, бидејќи доаѓа од старогрчкиот збор ’τό σπήλαιον‘, што во превод значи ’пештера‘. Но, за жал, поради губењето на ревноста и врските со преданието, се изгубила духовната димензија и на ова славење, кое произлегувало од светопреданиското православно наследство, и освен што било израз на радосната Божикна атмосфера, ги поттикнувало жителите и кон вистинско христијанско милосрдие – вредните домаќинки правеле посни колачиња во вид на бебе, како симбол на Богомладенецот, а некои имале обичај да подаруваат и парички, кои подоцна се разделувале на сиромашните семејства и на храмовите Божји. Освен тропарот и кондакот на Рождеството Христово, во Битола се пееле и многубројни народни каланди, од кои некои се зачувале и до денес” * *извор www.religija.mk

Кај и да си за Бадник дома да си. За многу години!

[metaslider id=2454]