ЗАТВОРЕНО 56. ИЗДАНИЕ НА „ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ“ – ФЕСТИВАЛОТ ШТО ЈА ПОВРЗУВА ТРАДИЦИЈАТА СО СВЕТОТ

од August 1, 2026 0 коментари

Со свечената завршна програма, синоќа беше затворено 56. издание на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“, една од најзначајните културни манифестации во Македонија и долгогодишен чувар на македонското нематеријално културно наследство.

Во текот на фестивалските денови, Битола беше домаќин на околу илјада учесници од земјата и странство, кои преку повеќе од 70 програмски содржини ја претставија богатата традиција, музика, игра и обичаи на своите народи.

Фестивалската програма опфати свечено дефиле, концерти, изложби, стручни семинари, програмата „Напладне во чаршија“, детски работилници, вечери на традиционална и староградска музика, како и бројни други настани што ја претворија Битола во вистински центар на културната размена.

„Илинденски денови“ е дел од големото семејство на CIOFF®, меѓународна организација – официјален партнер на УНЕСКО и акредитирано тело за зачувување на нематеријалното културно наследство, што претставува значајно признание за квалитетот и автентичноста на фестивалот.

На свеченото затворање беа доделени признанијата за најуспешните учесници:

🏆 Награда за најуспешна група што презентираше изворна традиционална музика, игра и обред – Женската група „Теута“ од Тетово.

🏆 Награда за најуспешна група во староградска музика и игра – Ансамблот за народни песни и ора „Вања Лазарова“ од Скопје.

🏆 Награда за најуспешна интерпретација на новопоставени фолклорни содржини инспирирани од изворниот фолклор – АНПИ „Орце Николов“ од Скопје.

🏆 Награда за најуспешна вокална изведба – Марија Добриновска од КУД „Јане Сандански“ – Неготино.

🏆 Награда за најдобра и најкомплетна изворна народна носија – Фолклорниот ансамбл „Цветови“ од Дедино.

Организаторите упатија благодарност до сите ансамбли, уметници, волонтери, институции, партнери, спонзори, медиуми, фотографи и до бројната публика, чија поддршка и посветеност придонесоа и годинава фестивалот успешно да ја исполни својата мисија – да ја негува македонската традиција и да гради мостови меѓу народите.

Со затворањето на 56. издание завршува уште едно успешно фестивалско поглавје, оставајќи ја Битола повторно препознаена како град во кој традицијата не е само наследство, туку жива култура што се пренесува од генерација на генерација.

„Илинденски денови“ – Точка на поврзување.

Babam Bitola

Comments are closed.