Во Битола започнува 9-тото издание на Интернационалниот детски театарски фестивал „Битолино“. Овогодинешното фестивалско мото е „Само за сонувачи“. Од 06 до 08 октомври најмладите од нашиот град ќе имаат можност да погледнат 6 детски театарски претстави на нашите гости од земјава но и Бугарија, Русија, Австрија, Египет.
Во рамки на фестивалот ќе се одржат вкупно 9 настани. Започнуваме на 06.10. (недела) од 13 часот со свечено отворање и дефиле на плоштадот Магнолија. Истиот ден од 17 часот на нова сцена на НУ Центар за култура гостува првиот лиценциран детски бродвејски мјузикл „Ени Јуниор“. Се работи за проект на Здружението за инклузивно и неформално образование “Крео-Аксис” од Скопје. Во 19.30 часот во салата на НУ Народен театар ќе се одигра претставата „Перничеграфија“ на Театарската школа Бабец.
Програмата на 07.10 (понеделник) почнува во 11 часот со театарската работилница „Само за сонувачи“. Во 18 часот ќе се изведе претставата „Тинејџер од внатре“ во продукција на Marian Bachev & Arcadia Fusion art од Софија, Бугарија. Во 20.00 часот следува претставата „Кралица на боите“ на театарот „Feurblau“ од Грац, Австрија.
Фестивалот завршува во вторник (08.10). Истиот ден на програмата во 18 часот се гостите од El Mahrousa group од Гиза, Египет со претставата „Приказни од 1001“. Во 19.30 часот на програмата се нашите долгогодишни пријатели од Театарот на портите на Нарва од Санкт Петерсбург, Русија.
Влезот за сите претстави ќе биде бесплатен. Се со една цел да создадеме едуцирана публика со полни глави незаборавни спомени, со театарска култура, да всадиме во децата љубов кон театарот, да ги понесеме по вистинскиот пат за да можете сами да препознаете квалитетна театарска претстава, на крајот на краиштата да овозможиме да сонувате и да уживате со сите сетила бидејќи тоа го може единствено неговото височество театарот. – истакнува организаторот на фестивалот Бабец театар.
ИДТФ Битолино е поддржан од Министерството за култура, Австриската амбасада од Скопје и партнерите од Комерцијална банка и Т. А С. – травел.
Првото фестивалско издание се одржа во 2011 година. На фестивалот досега настапиле детски театри од Македонија, Србија, Турција, Израел, Аргентина, Чиле, Австрија, Италија, Романија, Франција и др.
Со Почит
Бабец театар