Камен-темелникот на Домот го постави Бошко Станковски, претседател на Републичката конференција на ССРНМ.

Деновиве во Битола започна изградбата на Домот на културата, насушната потреба на градот за развивање на културно-уметничката дејност од секаков вид. Овој грандиозен објект, кој ќе биде и Спомен-дом на АСНОМ, ќе се гради со средства од самопридонес на граѓаните на Битола, со средства што ќе ги додели Републиката наменети за изградба на спомен-домовите на АСНОМ, и со средства на Собранието на Општината Битола.

Зборувајќи за значењето на овој импонзантен објект пред голем број општествено-политички и културни работници, потпретседателот на Извршниот совет на Собранието на Битола, др. Томе Делов, нагласи дека со изградбата на Домот, Битола слави уште една работна победа.

Домот ќе чини над шест милијарди стари динари. Меѓутоа, битолчани се решени да го изградат по секоја цена, затоа што потребата од неговото постоење ја чувствуваа одамна, што го потврдија и со едногласното прифаќање на самопридонесот преку распишан референдум.

Домот навистина многу ќе значи за Битола. Тој ќе располагa со 9.500 м³ функционален простор и ќе се простира на 33.000 м² корисна површина. Лоциран е зад постојниот Народен театар и успешно ќе се вклопи во урбанистичкото решение со останатите објекти на плоштадот „Гоце Делчев“.

Посебно внимание е посветено на двете големи сали во Домот: универзална со 970 седишта и театарската со 550 седишта. Изградбата започна, а битолчани со нетрпение го очекуваат нејзиното довршување и свеченото предавање во употреба.

Илија Алушевски

Списание: Просвета Бр.: 402б

Страна: 2 Наслов: Започна изградбата на Домот на културата во Битола
Година: 1975 Датум: 01.04.1975

Од дигиталната архива на НУУБ Св. Климент Охридски Битола