На 6 ноември, во Големата сала при Центарот за култура во Битола, се одржа 25-тото јубилејно издание на детскиот музички фестивал „ТРА ЛА ЛА“.
Во оваа свечена вечер настапија 13 нови ѕвездички кои изведоа новосоздадени детски песни, компонирани од познати македонски автори – Кристијан Габроски, Ристо Самарџиев, Крсте Симоновски и други.

Гала-претставата беше вистинско уживање за љубителите на музиката и културата. Поздравна беседа одржа Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, а гостите на фестивалот ги поздравија и Градоначалникот на Општина Битола, г-дин Тони Коњановски, како и директорот на фестивалот, Тони Алексовски.

Сите фестивалски композиции беа збогатени со кореографии во изведба на балетски и танцови групи, кои придонесоа за уште поголема магија и раскош на сцената.

Среќен 25-ти роденден, „ТРА ЛА ЛА“!
Со искрени желби за уште многу успешни години, исполнети со детска песна, радост и развој на музичката култура кај најмладите!