Завет за мир, кога Битола пееше детски хитови

од May 8, 2026 0 коментари

Во мај 1992 година, во Домот на културата во Битола се одржал вториот Детски музички фестивал „СИ ДО 92“, кој тогаш важел за вистински празник на детската песна.

На фестивалот биле изведени 21 композиција од најпознатите македонски композитори, а младите изведувачи претежно биле деца од Битола. Организатор бил Пионерскиот центар „Трајче Маглоски“.

Како најуспешна композиција била прогласена песната „Завет за мир“, со музика и аранжман на Љупчо Мировски, текст на Томислав Котарчевски, а во изведба на Ана Димовска, која воедно била прогласена и за најдобар интерпретатор на фестивалот.

Првата награда од публиката ја добила композицијата „Ние сме Македонци“, во изведба на Ема Кука и Илија Упалевски, додека втората награда и припаднала на песната „Рокер јас сум мила моја“ во изведба на Дејан Јовановски.

Награда за најдобар текст добила композицијата „Евгение“ од Љупчо Трајковски Фис и Драган Мијалковски, а за најдобар естраден настап била наградена Билјана Боговеска со песната „Чигу лигу“.

Посебен белег на фестивалот оставил и пионерскиот хор „СИ ДО“, кој ги придружувал учесниците и придонел атмосферата да биде уште посвечена и повесела.

„Битолски весник“ тогаш напишал дека „СИ ДО 92“ бил фестивал исполнет со многу љубов, детски песни и огромен ентузијазам, а денес овие пожолтени страници остануваат како сведоштво за едно поинакво, топло и безгрижно време кога Битола живееше за музиката и детската насмевка.

Исечок од весник пратени од Христина Трифуновска Тодоровска

Babam Bitola

Comments are closed.