Заборавениот великан: Јонче Христовски и тишината околу неговото име

од April 18, 2026 0 коментари

Сосема тивко, без одбележување и без јавна почит, помина 5 април, датумот на раѓањето на еден од најголемите македонски музички творци, Јонче Христовски. Роден во 1931 година, авторот чие творештво остави неизбришлив белег во македонската култура, денес речиси и да не добива внимание какво што заслужува.

Јавноста, свесно или несвесно, често ги доживува неговите најпознати дела како народни песни, заборавајќи дека зад нив стои конкретен автор. Песни како „Македонско девојче“ и „Ој, Вардаре македонски“, кои се препознаваат и пеат низ целиот Балкан, за многумина се дел од анонимното народно творештво. Но вистината е дека тие се дело на Јонче Христовски – композитор и текстописец со исклучителен талент и визија.

Покрај нив, неговото авторство стои и зад песни како „Едно име имаме“, „Ај засвирете ми чалгии“ и „Ако умрам ил загинам“, композиции што со децении ја градат македонската музичка душа и идентитет.

Повод за повторно отворање на ова прашање е и јавната реакција на Бобан Милошески од Авалон Продукција, кој преку свој осврт укажа на неправдата кон ликот и делото на Христовски. Тој потенцира дека дури 90 проценти од луѓето би одговориле дека овие песни се народни, иако токму преку нив Македонија е препознатлива на Балканот.

„Да не живеете во заблуда – Јонче е најголем македонски композитор и текстописец на сите времиња, и еден од најголемите на Балканот. Време е неправдата да се исправи и сите да го дознаат тоа“, наведува Милошески.

Овој јаз меѓу значењето на неговото дело и нивото на јавна свест отвора сериозно прашање: дали како држава и општество доволно ги вреднуваме нашите културни великани? Според многумина, одговорот е негативен, а примерот со Јонче Христовски е еден од најочигледните.

Иницијативи за поголемо признавање, одбележување на значајни датуми и едукација за неговото творештво се повеќе од потребни. Време е оваа неправда да се исправи, а името и делото на Јонче Христовски да го добијат местото што одамна го заслужуваат, во срцето на македонската културна меморија.

Babam Bitola

Comments are closed.