И летото ни замина. И еве друго време веќе ни доаѓа.
Ни доаѓа есента.
Ни доаѓаат сите други работи со неа.
Еве веќе како се збогувавме со летото, со вечерните прошетки низ улицата полна со џагор.
Се збогувавме со седењето во некоја слаткарница и пиењето на ладната боза.
Со седењето до доцните часови водејќи долги разговори. Облеката, храната , тој зеленчук купен од пазарот. Тука, нашето лето заврши.
Ама ни дојде сезоната на убавината.
Еве токму сега некој во дворот го прави ајварот па цела улица мириса на печена пиперка. Еве веќе како низ Широк Сокак се помалку и помалку џагор има. Еве како веќе на пазарот се продаваат зеленчуците за подготовка на зимница. Еве веќе како Битола поинаку изгледа .
Тумбе Кафе, Саат кулата, Шехерзада, секоја наша локација сега е поинаква.
Сега таа е тивка. Привлечна. Преубава.
Нашиот град сега нови бои добива. Жолта. Портокалова. Кафена.
Паднати лисја во паркот на сите страни, ветер кој сега е поладен .
Миризби на сите страни.
Кој ова кој она, важно нешто тука се прави.
И што знам уште што да кажам?
Што да кажам освен дека Битола привлекува. Мирна. Опојна.
Со секој детал во неа. Со секоја Битолска зимница.
Тука, започнува есенската убавина.
Тука, есента е различна. И во овој момент само едно запомни.
Каде и да си, врати се назад.
За да ја видиш неа како сјае.
Како е спремна за секој нов месец што доаѓа и како ќе те мами за зимата во неа да ја доживееш. Во Битола. Во градот на Конзулите. Онаму каде допрва сите убавини доаѓаат. Онаму каде се создаваат сите спомени.