ЖИВНА ГРАДО!“: ТРОЈЦАТА ЗАД „ВЕЖБАЈ БЕ“ СО „ПРОБАЈ СЕ!“ ЈА ВАДАТ ТЕРЕТАНАТА НА ОТВОРЕНО

од • September 17, 2026 • 0 коментари

Јован Апостоловски, Антониј Апостоловски и Димитар Митревски имаат едноставна идеја: вежбањето да престане да изгледа како нешто резервирано само за оние што веќе се фит. На 19 септември ја тестираат таа идеја среде Битола.

Двајца браќа, нивниот другар, една камера и многу идеи што или веднаш се реализираат или, како што самите велат, завршуваат во „сефот“ за некоја следна прилика.

Јован Апостоловски, Антониј Апостоловски и Димитар Митревски се тројцата зад организацијата „Вежбај Бе“, која преку социјалните мрежи гради поинаков разговор за вежбањето и здравите навики.

Без совршени тела како предуслов. Без агресивното „нема изговори“. Со хумор, реални ситуации и содржини создадени и за оние кои сè уште не знаат од каде да почнат.

Од таа идеја произлегува и здружението „Пробај се!“.

А сега решија она што досега главно го правеа преку камера и социјални мрежи да го изнесат во градот.

На 19 септември, од 12 до 14 часот, пред споменикот на Стив Наумов кај Офицерски дом во Битола, „Пробај се!“ организира отворена теретана. Справи среде град, тимски и индивидуални игри, натпревари, награди, музика и дружење.

Не мора да бидете фит за да дојдете.

Всушност, Јован, Антониј и Димитар велат дека особено ги чекаат оние кои веќе подолго време планираат да почнат „од понеделник“.

Со тројцата разговаравме за нивниот прв физички настан, за фитнесот без притисок, за животот пред и зад камерата и за тоа што би сакале да слушнат во 14 часот, кога сè ќе заврши.

Да почнеме од 19 септември. Некој поминува покрај Офицерски дом и случајно ве гледа. Што ќе го натера да застане?

Справите среде град, гужвата и позитивната атмосфера. Мислиме дека ќе биде тешко само да поминеш и да не се запрашаш што се случува.

„Отворена теретана“ звучи одлично за некој што тренира. А што има таму за човек кој последен пат вежбал на физичко?

Самото име на нашето здружение, „Пробај се!“, кажува дека настаните се наменети за секого, без разлика кога последен пат вежбал. Не треба да бидеш во форма за да дојдеш. Треба само да сакаш да се пробаш.

На 19 септември имате само два часа. Што сакате да се случи за на крај да кажете: успеавме?

Сакаме да слушнеме многу смеа и различни муабети поврзани со вежбањето. Ако луѓето се дружат, пробуваат нешто ново и зборуваат за тоа, за нас тоа ќе значи дека сме успеале.

Тимски и индивидуални игри, награди, музика, натпревар, дружење… Колку сериозно треба да го сфатиме зборот „теретана“ во „отворена теретана“?

Целта не е да дојдеш за класично да вежбаш во теретана. Идејата е да ги пробаш справите, да излезеш малку од својата комфорна зона, да се натпреваруваш ако сакаш и, пред сè, да се дружиш.

Кого најмногу сакате да го видите на 19 септември: оној што тренира секој ден или оној што со години си вели „од понеделник“?

Искрено, најмногу сакаме да го видиме оној што долго време сака да започне, но никако не успева. Се надеваме дека токму овој настан ќе му биде доволна инспирација конечно да го направи првиот чекор.

Двајца сте браќа, третиот е другарот зад камерата. Кој е гласот на разумот кога тројцата имате три различни идеи?

Се прифаќа идејата за која во тој момент ги имаме ресурсите и која може веднаш да почне да се реализира. Останатите идеи не ги фрламе. Ги чуваме во „сефот“ за во иднина.

„Вежбај Бе“ живее многу и на социјалните мрежи. Колку од она што го правите се случува во теретана, а колку пред камера, на монтажа и онлајн?

Главното снимање се случува паралелно со она што го правиме, но најмногу време и енергија всушност се вложуваат пред и потоа, во подготовката, организацијата и обработката на материјалите.

Социјалните мрежи ги користиме во секоја фаза, за најавување, промоција, споделување на она што се случува и за потсетување на настаните и откако ќе завршат.

Вашите видеа често имаат хумор и не изгледаат како класична фитнес комуникација. Намерно ли бегате од совршените тела, огледалата и она фитнес „нема изговори“?

Правилниот начин на живот не е перфекција. Затоа нашите видеа се наменети токму за луѓето што се на самиот почеток или сè уште не започнале.

На тие луѓе не им требаат недостижни цели, совршени тела или агресивна мотивација. Им треба нешто реално, познато, достапно и пријателски претставено.

Која е најголемата заблуда за луѓето што не вежбаат? Дека се мрзливи, дека немаат време или дека едноставно никој не им покажал начин што им одговара?

Не мислиме дека секој што не вежба едноставно е мрзлив. Кај некого грижата за сопственото тело и здравјето сè уште не станала приоритет. Други сакаат да започнат, но токму почетокот им е најголемиот предизвик.

Нас повеќе нè интересира како тој прв чекор да го направиме полесен.

Што ви е поважно кај „Пробај се!“: некој да победи во натпреварот или некој што никогаш не вежбал да си замине со мислата „ова можам и јас“?

Второто. Сакаме да им покажеме на луѓето што не вежбаат дека спортот не мора секогаш да биде агресивен или премногу сериозен. Може

Babam Bitola

Comments are closed.