Додека гранатите паѓале врз Битола, жените стоеле во редици пред фурните, чекајќи парче леб за своите семејства. Оваа потресна слика од градот пред повеќе од еден век е зачувана во личниот дневник на францускиот војник Жан Тома, кој престојувал во Битола во јануари 1917 година.

Во времето на Првата светска војна, Битола била град во кој цивилното население живеело под постојана опасност. Иако сојузничките сили влегле во градот на 19 ноември 1916 година, бомбардирањата продолжиле.
На 1 јануари 1917 година, Жан Тома со својот баталјон тргнал од Жабени кон Битола, која во неговиот дневник е запишана како „Monastir (Bitoli)“.
Веќе следниот ден, на 2 јануари, оставил сведоштво за секојдневниот живот во градот.
Тој забележал дека бил сместен во голема куќа, која изгледала прилично богато. Но надвор од нејзините ѕидови го затекнала сосема поинаква слика.
Улиците биле валкани, цените високи, а населението живеело во тешки услови.
Едно јајце, според неговите записи, чинело 12 су, додека литар вино со слаб квалитет се продавал за два франка.
Но најпотресниот дел од дневникот е описот на жените што чекале леб.
На 2 јануари 1917 година, Тома запишал дека жените наутро стоеле во редици пред пекарниците, под дожд и артилериски оган, за да добијат парче леб.
Лебот, како што забележал, бил прилично бел, но тежок и недоволно нараснат.
Во само неколку реченици, францускиот војник ја опишал суровата реалност на тогашна Битола: луѓето морале да излегуваат на улица за најосновните животни потреби, иако секојдневно постоела опасност од гранатирање.
Во дневникот стои и кратката, но страшна констатација дека градот бил бомбардиран секој ден.
13 ЈАНУАРИ 1917 – ГРАНАТИ ВРЗ ЦЕНТАРОТ, ПАЗАРОТ И ДРАГОР
Единаесет дена подоцна, на 13 јануари, Жан Тома забележал уште потежок настан.
Околу 18 часот започнало особено интензивно бомбардирање на Битола.
Според неговиот дневник, меѓу погодените или изложените на гранатирање места биле православната црква, две големи џамии, железничката станица, пазарот, бреговите на Драгор и главната градска улица.
Во истиот запис Тома наведува дека една граната паднала врз куќа, при што загинале десет цивили, а дваесет биле повредени.
Ова се бројки што ги запишал очевидецот во својот личен дневник и претставуваат важно сведоштво за цивилните страдања.
На 18 јануари повторно забележал силно бомбардирање, споредливо со она од 13 јануари.
Само еден ден подоцна, на 19 јануари, неговиот баталјон ја напуштил Битола и заминал кон позициите кај Оризари.
БИТОЛА НИЗ ОЧИТЕ НА ЕДЕН СТРАНЕЦ
Дневникот на Жан Тома е особено вреден затоа што не е официјален воен извештај, ниту подоцнежно историско толкување.
Тоа се лични белешки на човек кој бил присутен во градот и го запишувал она што го гледал, слушал и доживувал.
Неговите описи понекогаш се остри и пристрасни кон локалното население, но токму затоа треба да се читаат како лично сведоштво на француски војник, а не како објективна оценка за тогашните битолчани.
Меѓу воените положби, артилериските напади и секојдневната неизвесност, тој оставил нешто многу поважно за историјата на градот, сведоштво за обичните луѓе.
За жените што чекале леб.
За семејствата што живееле под гранати.
За пазарот, Драгор и главната улица, кои наместо места на секојдневен живот станале цели на артилериски напади.
Повеќе од еден век подоцна, овие редови нè потсетуваат дека зад секоја воена статистика стоеле човечки судбини. А Битола, и покрај сè, продолжувала да живее.
Бабам Битола – Битола низ светските архиви.
Извор: Личниот воен дневник на Жан Мари Доминик Тома (Jean Marie Dominique Thomas), „Sur le front des Balkans“, записи од 1, 2, 13, 18 и 19 јануари 1917 година.
https://francis-thomas.com/jean1916.php