ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР ЌЕ ИГРА ВО НОВАТА РЕГИОНАЛНА ЛИГА: ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА НОВО ПОГЛАВЈЕ ВО РАКОМЕТОТ

од May 20, 2026 0 коментари

Денес во Подгорица беше направен значаен исчекор за иднината на регионалниот ракомет, откако беше потпишан Договорот за формирање на регионални лиги во машка и женска конкуренција. Со овој чекор, Македонија, Србија и Црна Гора официјално ја потврдија заедничката визија за поквалитетен, поконкурентен и помодерен ракометен систем во регионот.

Договорот го потпишаа ракометните федерации на Македонија, Србија и Црна Гора, а новата регионална машка лига ќе брои десет клубови — по четири од Македонија и Србија, како и два клуба од Црна Гора. Тоа значи дека меѓу македонските претставници ќе биде и Еурофарм Пелистер, кој ќе добие можност за уште повеќе силни и атрактивни натпревари.

Во женска конкуренција ќе се формира регионална лига со десет клубови од пет земји: Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија, со по два претставници од секоја држава.

Овој проект има за цел да донесе повисоко ниво на натпреварување, развој на младите играчи и тренери, поголема медиумска експонираност, но и посилен комерцијален потенцијал за ракометот во целиот регион. Од федерациите потенцираат дека станува збор за иницијатива изградена врз партнерство, доверба и заедничка желба за унапредување на спортот.

Потписниците на договорот изразија уверување дека уште од првите сезони новите регионални лиги ќе донесат дополнителна атрактивност за навивачите и спонзорите, како и нов импулс за развој на ракометот во Југоисточна Европа.

Во наредниот период ќе биде формирана заедничка канцеларија на лигите, ќе се дефинираат правилниците, организацискиот модел и календарот за старт на натпреварувањата.

За Битола и за навивачите на Еурофарм Пелистер, ова значи уште повеќе дерби натпревари, силни противници и нови европски ракометни возбудувања во салата „Боро Чурлевски“.

Babam Bitola

Comments are closed.