Еурофарм Пелистер во сезоната 2026/27 ќе биде дел од Групата А во Регионалната ракометна лига, која ќе се игра во нов формат со две групи. Битолскиот клуб го доби распоредот на натпреварите, а првиот дел од сезоната носи неколку интересни пресметки пред домашната публика.

Пелистерци ќе го отворат натпреварувањето на 23 август 2026 година против Партизан во Битола, а само три дена подоцна, на 26 август, на домашен терен ќе го пречекаат Ловќен.
Следува уште еден домашен натпревар, против Дубочица на 31 август, додека на 23 септември во Битола ќе гостува македонскиот ривал Алкалоид.
Во вториот дел од распоредот, Еурофарм Пелистер ќе ги одигра возвратните натпревари на гостински терен. На 8 декември 2026 гостува кај Алкалоид, на 15 декември кај Ловќен, на 3 февруари 2027 кај Дубочица, а групната фаза ќе ја заокружи со гостувањето кај Партизан на 17 март 2027 година.
Најдобрите две екипи од двете групи ќе обезбедат место на Фајнал-фор турнирот, предвиден за 24 и 25 април 2027 година.
За битолската публика дополнителна информација е дека сезонските билети, кои се во продажба до 18 август, ќе важат и за натпреварите од Регионалната ракометна лига.
Со четири домашни натпревари во групната фаза, Битола повторно ќе има можност да живее во ракометен ритам и да му даде силна поддршка на македонскиот шампион во борбата за место меѓу најдобрите четири екипи во регионалното натпреварување.
