Со официјална прес-конференција во Охрид денес беше најавено одржувањето на традиционалниот Меморијален турнир „Крсте Андоновски“. Во името на шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, на настанот се обрати потпретседателот на клубот, Бојан Стерјев.

Тој им посака среќа и добро здравје на сите учесници, истакнувајќи дека екипата на Еурофарм Пелистер ќе настапи со најсилниот можен состав.

„Голема благодарност до ГРК Охрид за поканата на турнирот. Нашата цел е да се подготвиме за сезоната и за првиот официјален натпревар – Суперкупот на Македонија против Вардар 1961. Сакаме сите ракометари да добијат минутажа и да покажат што знаат. На турнирот доаѓаме со комплетен ростер, со исклучок на посериозно повредените Цветан Кузманоски и Самоил Ристевски.

На сите екипи им посакувам многу среќа и, пред сè, добро здравје за успешно продолжување на сезоната“, изјави Стерјев.

Организаторите и учесниците очекуваат квалитетни натпревари и вистинска спортска атмосфера во чест на споменот на Крсте Андоновски.