Нашиот македонски шампион Еурофарм Пелистер е на добар пат повторно да биде дел од ракометната Лига на Шампионите откако битолчани аплицираа за вајлд-карта, а ЕХФ денеска објави дека „зелено-белите“ немаат преголема конкуренција за да бидат дел од елитното натпреварување.

Имено, апликации за преселба од ЕХФ Лигата на Европа во Лигата на Шампионите се пристигнати од само девет клуба, од кои дури шест ќе бидат прифатени. „Пелистерци“ во последните две години на ваков начин стигнуваа до билет за елитното друштво, а нивни противници во трката за вајлд-карта се ГОГ, Нант, Пик Сегед, Колстад, Киелце, Порто, Слован и Шафхаузен.

Конечната одлука ќе биде донесена на 24 јуни, а пласман во групната фаза од ЛШ веќе имаат обезбедено: Загреб, Алборг, Барселона, ПСЖ, Фухсе Берлин, Магдебург, Веспрем, Висла, Спортинг и Динамо Букурешт.