Еурофарм Пелистер до 18 години пред нов европски предизвик, битолчани на чекор до финале во младинската Лига на шампиони

од March 18, 2026 0 коментари

Младинскиот тим на РК Еурофарм Пелистер продолжува да испишува значајни страници во историјата на македонскиот ракомет. Актуелниот шампион на Македонија во кадетска конкуренција втора година по ред ќе настапи во ЕХФ Лигата на шампиони за млади, потврдувајќи дека припаѓа во самиот европски врв.

По успешниот настап минатата сезона, кога битолчани ја освоија својата група во Букурешт и обезбедија учество на завршниот турнир во Келн, оваа генерација повторно добива можност да се докаже на највисоко ниво. Годинашниот турнир ќе се одржи на 30 и 31 март во Пореч, Хрватска, каде Еурофарм Пелистер во полуфиналето ќе се соочи со силниот дански тим Аалборг.

За младите ракометари, овој натпревар претставува повеќе од обична средба – тоа е шанса да го покажат својот квалитет, карактер и потенцијал пред европската јавност. Тимот е составен од талентирани играчи кои со посветеност, дисциплина и борбен дух го носат зелено-белиот дрес и достојно ја претставуваат Битола и Македонија.

Во составот на екипата се Мацанковски Јован и Пајковски Василиј како голмани, Велјановски Павел, Кебаковски Томислав, Кочанов Лука, Бундалевски Константин и Георгиев Андреј на крилните позиции, додека бековската линија ја сочинуваат Спировски Тео, Марковски Владимир, Здравковски Давид, Василевски Стефан, Мијалчев Горазд, Митровски Иван и Дуковски Александар. На позицијата пивот се Бојчевски Бојан и Симоновски Јован. Тимот го предводат тренерите Фарук Мемиќ и Кире Митревски.

Со силна поддршка од љубителите на ракометот, надежите се насочени кон нов успех и пласман во големото финале. Оваа генерација уште еднаш покажува дека иднината на Пелистер и македонскиот ракомет е во сигурни раце.

Babam Bitola

Comments are closed.