Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер продолжува со засилувањата за новата сезона, а најново име во ростерот на битолскиот клуб е босанскиот интернационалец Едвин Џелиловиќ. 23-годишното десно крило од Тузла потпиша тригодишен договор и ќе го носи зелено-белиот дрес во наредните три сезони.

Џелиловиќ во Битола пристигнува како еден од најперспективните ракометари на својата позиција, со зад себе серија успеси и освоени титули во шампионатот на Босна и Херцеговина.
Пред трансферот во Македонија, настапуваше за Извиѓач, клуб кој доминира во домашниот шампионат, а претходно го носеше и дресот на Грачаница. Во последните сезони остави забележителен впечаток и на европската сцена, настапувајќи во Европската лига и ЕХФ Европскиот Куп.
Новиот ракометар на Еурофарм Пелистер е висок 189 сантиметри и тежок 81 килограм, а во најракометниот град доаѓа со големи очекувања и амбиции да даде значаен придонес во битката за домашните титули и европските предизвици.
Од клубот веруваат дека талентот, квалитетот и потенцијалот на Џелиловиќ ќе донесат дополнителна сила на десната крилна позиција во тимот за сезоната 2026/27.
Едвин Џелиловиќ ќе биде официјално претставен пред битолската јавност на стартот на подготовките за новата сезона, кои започнуваат во јули годинава.
