Шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер, денес официјално ги започна подготовките за вториот дел од сезоната. Иако без девет ракометари кои ќе настапат на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка, „пелистерци“ одржаа работен состанок и го реализираа првиот тренинг во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола.

Под водство на асистент-тренерот Алексо Лембанов, тимот ја одработи воведната тренинг сесија, со фокус на физичка подготвеност и враќање во натпреварувачки ритам по паузата.

Во наредните денови се очекува пристигнувањето на новиот шеф на стручниот штаб, Стевче Алушовски, како и комплетирање на ростерот со доаѓањето на Алем Хаџиќ и Саид Хаидарирад. Подготовките во текот на јануари ќе се одвиваат во Битола, а планирани се и неколку контролни натпревари како дел од процесот на воигрување.

Првиот официјален натпревар во продолжението од Суперлигата, Еурофарм Пелистер ќе го одигра на 7 февруари против екипата на Еурофарм Пелистер 2. Европските возбудувања продолжуваат на 19 февруари, кога битолчани на домашен терен ќе се соочат со полскиот претставник Висла Плоцк во рамки на Лигата на шампионите.

Со јасни цели и високи амбиции, Еурофарм Пелистер влегува во продолжението од сезоната подготвен за нови предизвици и борба на сите фронтови.












