Еурофарм Пелистер на еден месец пред стартот на ЕХФ Лигата на шампиони за млади ги дозна противниците во предквалификациските турнири за пласман на Ф4 турнирот во Келн.

Младинската екипа на битолскиот и македонски ракомет ќе настапи во групата што ќе се одржи во Пореч, каде на 30 март со почеток во 12 часот ќе се соочи со данскиот тим Алборг во полуфиналето.

Во второто полуфинале ќе се сретнат РК Загреб и Фуксе Берлин, што гарантира силна конкуренција и натпревари на високо европско ниво.

По минатогодишниот историски успех и настапот на Ф4 турнирот во Келн, младите ракометари на Пелистер добиваат нова можност за меѓународна афирмација. Раководството и стручниот штаб веруваат дека оваа генерација повторно може да покаже дека Битола е расадник на таленти и една од најсилните ракометни школи во државата.

Настапот во Пореч претставува нов предизвик, но и продолжение на континуитетот што клубот го гради во младинските категории на европска сцена. Битолската публика со големи очекувања ќе ги следи младите надежи во борбата за уште еден настап на завршниот турнир во Келн.