Една од учесничките на легендарниот детски музички фестивал СИДО, битолчанката Елена Јурукова Раповска, деновиве повторно ја почувствува магијата на сцената и спомените од детството.

Елена заедно со нејзината прва братучетка Александра Јурукова Дреноски, која денес живее во Канада, настапила на СИДО во 1994 година. Како што раскажува, патот до фестивалот не бил воопшто лесен.

„Поминавме многу, многу аудиции, а на крај родителите дури не ни веруваа дека нѐ викнаа да ни доделуваат песни“, се присетува таа со насмевка.

Песната со која настапила е со музика и аранжман на Љупчо Мирковски, а текстот е на Валентин Соклевски, имиња кои оставија силен белег во музичките спомени на многу битолчани.

Но, она што оваа година ја направи приказната уште поемотивна е фактот што Елена на сцената ја делела магијата заедно со својата ќерка.

„Срцето ми е преполно. Да стојам овде, на овој прекрасен фестивал, заедно со мојата ќерка Ања со која заедно ја изведовме песната, е момент што ќе го паметам цел живот. Горда сум што заедно ја делиме оваа емоција и што имаме можност да создаваме спомени кои ќе траат засекогаш“, напиша Јурукова Раповска на својот профил.

Таа упати и голема благодарност до публиката, која со својата енергија и љубов ја направила вечерта посебна.
„Ви благодарам за огромната посетеност, за енергијата, за секој аплауз, насмевка и поглед полн со љубов и поддршка. Вашето присуство ни даде сила, емоција и инспирација која тешко се опишува со зборови“, вели Елена.

Посебна благодарност испрати и до организаторите, потенцирајќи дека таа вечер сите биле едно големо семејство споено преку музиката.
СИДО уште еднаш покажа дека не е само фестивал, туку место каде детските спомени оживуваат, а музиката ги поврзува генерациите.
Фотографии Камерен Оркестар Дива

