По сведоштвото на Михаил, свое видување за драматичните моменти даде и Елена екс Миновска сега Стевович,жена со трафиката кај „Сато“, која била непосредно до него кога започнала борбата за спасување на семејството.

„Јас и Михаил се капевме во вода до вратот. Му велев да не оди подлабоко, бидејќи сум ниска, брановите ме удираа, а и претходно сум имала лошо искуство со давење. Во еден момент слушнавме дека некој бара помош. Се свртивме и прво со неверување гледавме кон една повозрасна жена со перниче. Тогаш сфативме дека таа навистина бара помош, а брановите веќе ја носеа сè подлабоко. Без двоумење му реков на Мики: „Брзо, спаси ја жената!““
Додека Михаил запливал кон семејството, Елена се свртела кон плажата и почнала гласно да повикува други луѓе да помогнат.
„Дојде мојот сопруг Милош, кој влезе во водата со сè алишта. Од карпите пристигна и човек кој не го познававме. Михаил еден по еден ги носеше кон нас – прво мајката, потоа детето, а на крај таткото, кој беше целосно преморен обидувајќи се да го спаси своето семејство.“

Елена вели дека нејзината улога била да ги пречекува спасените и да ги предава кон побезбедниот дел, каде што помагале нејзиниот сопруг Милош, Јасна – мајката на Михаил, како и непознатиот човек кој притрчал од карпите.

Неколку луѓе кои до тој момент можеби воопшто не се познавале, за само неколку секунди станале еден тим. А најважното од сè, три човечки животи биле извлечени од разбрануваното море.
