Едно старо прашање, кое со години ги интригира истражувачите на огромното фотографско наследство на браќата Манаки, можеби конечно добива одговор: Дали Милтон Манаки навистина го фотографирал Мустафа Кемал Ататурк?

Минатата седмица, на 14 и 15 септември, Архивот во Битола го посетил неговиот долгогодишен соработник и пријател од Романија, Каталин Д. Константин, издавач, антрополог и професор на Универзитетот во Букурешт. Неговата истражувачка работа подолго време е поврзана со делото на браќата Манаки и со богатото архивско културно наследство што се чува во Битола.

Токму во разговорите за Манаки повторно било отворено едно прашање кое постои уште од времето кога материјалите на Милтон Манаки биле примени во Архивот.

На стаклените плочи заведени под броевите 515 и 1417 во описот стои дека на нив се прикажани ученици од Воената гимназија со Кемал Ататурк. Но, низ годините, домашни и странски истражувачи забележувале дека ниту едно од лицата на овие фотографии не наликува на познатите фотографии на младиот Мустафа Кемал.

Сепак, останало сведоштвото на Милтон Манаки. Тој тврдел дека во неговото ателје постои фотографија на Ататурк.

Токму тука започнува новата трага.
По разговорите во Архивот, Каталин Д. Константин предложил Ататурк можеби воопшто не треба да се бара меѓу најраните фотографии, од неговите ученички години, туку во подоцнежен период – при некоја од посетите на Битола по завршувањето на неговото образование.

🔎 И тогаш вниманието било насочено кон други фотографии.
Според првичните согледувања на Архивот, најмалку две фотографии од фондот на браќата Манаки содржат лик за кој се смета дека е младиот Мустафа Кемал Ататурк.
Фотографиите се направени при посетата на воена делегација во Битола, предводена од познатиот германски воен офицер Колмар фон дер Голц – Голц Паша.

Во позадината, меѓу членовите на воената придружба, се забележува младо лице за кое истражувачите сметаат дека би можело да биде токму Мустафа Кемал. Според оваа претпоставка, тој бил дел од воената придружба при посетата поврзана со увид во воените капацитети и подготвеноста на битолските касарни.
Доколку идентификацијата биде дополнително потврдена со историски и компаративни истражувања, фотографиите би можеле да претставуваат исклучително значајно сведоштво за врската меѓу Ататурк, Битола и фотографското наследство на браќата Манаки.

Од Архивот најавуваат дека фотографиите ќе бидат предмет на понатамошни темелни истражувања, а со помош на домашни и странски соработници ќе продолжи работата на откривање и промовирање на вредниот материјал што со децении се чува во неговите депоа.
А приказната за Мустафа Кемал Ататурк и Битола, очигледно, сè уште не е целосно раскажана.
Можно е во архивските депоа да чекаат уште фотографии и документи што ќе откријат нови детали за неговите престои во градот во кој поминал еден од најзначајните периоди од својата младост.