“Здраво мили чеда”- не поздрави со мала насмевка баба Цана од буковски ливади, Битола. “Знаете за многу од вас Велигден е празник, но за мене и ден денес тој е тажен”…продолжи да раскажува бабата:

“Сама сум веќе повеќе од дваесет години кога почина мојот сопруг. Децата мои се странство, заедно со внучињата од кои многу се имаат мажено и женето. Тие и не зборуваат македонски, а камоли битолски. Во брак се со други нации и толку од тоа, завршена приказна. Битола и многу не им треба, ниту пак знаат каде е да дојдат. Чат пат иди на лето само мојата ќерка која се наоѓа во Шведска. Синот е во Канада и долги години ете како не е вратен. Ми имат купено еден лап топ и се гледаме на скајп.

Животот заедно тука и не беше лош. Имавме убав живот. Од секогаш сум сонувала да имам многу деца, внучиња, посебно за Велигден. Сите заедно на трпеза, насмејани да се дружиме и за адет да се кршиме со јајцата. Имавме сѐ што ни треба. Сите си работевме нормална работа и не бевме многу богати, но имавме за живот. Си живеевме.

Шо ги натера “ѓаоло” заминаја двајцата со нивните фамилии. Секој по својот пат. Ние со Стојан си рековме дека ќе биди за кратко. Да спечалат барем нешто повеќе и ќе се вратат. Така ни велеја и тие. Но враќање нема. Срцето на Стојан се скрши и сега се наоѓа во Буковските гробишта.

Мене ме викаат да одам таму, кај нив. Но јас не го оставам мојот Стојан. Ниту моите родители, град и земја. Колку што имам толку, луѓето до сега со ништо не се заситиле. На крајот од сѐ ќе им помине времето, времето кое можеа да го поминат со мене и Стојан, со нивните браќа и сестри, со нивните дечиња и внуци. Тука во зеленилото на Буковски ливади и Сива Вода. Помеѓу јоргованите на Тумбе Кафе. Да си дома. Таму каде што душата ти се смее, каде што срцето ти пее, таму каде што е мајка, гробовите на твоите предци. Мислиш дека имаш сѐ, пари, другари, дом, но немаш ништо, празнотија. И додека да сватиш ти помина времето, а ти сѐ повеќе и повеќе заглавуваш во просторот. Животот е тоа што ќе го поминиш во него а не тоа што ќе го спечалиш и направиш.

Ако некогаш имате деца учете ги да бидат задоволни со малку, доволно е да го имаат само тоа што му е неопходно. Сѐ другото од Господ ќе му биде како “среќа” и ќе се радуваат повеќе.

За овај Велигден сеуште ме крепат нозете и рацете, па така направив многу јајца. Сама ја исчистив и стросав целата куќа иако имам 75 години. Така е секоја година. Се надевам дека едноставно ќе ме изненадат и ќе дојдат. И дека тој ден нема да биде тажен како до сега секој поминат празник и тоа ќе биде баш овој Велигден…
Можеби…”