По добивањето на престижниот сертификат од ЕСГО (Европска асоцијација за гинеколошка онкологија), д-р Синиша Трпчевски го опиша начинот и процесот на негово добивање.

„На неодамнешниот конгрес на најголемата европска асоцијација на гинеколошки онколози ЕСГО, кој се одржа во Истанбул, Турција од 28 септември до 1 октомври годинава, го положив теоретскиот дел за субспецијалист за гинеколошка онкологија и се здобив со најпрестижниот сертификат, признат во целиот свет. Со овој сертификат, на кој му претходеше мошне тежок испит кој го учев цели 6 години, ми се отвораат многу врати во најпрестижните онколошки центри во светот.

Уште поголемо задовоство е што сум прв и единствен Македонец кој го положил овој испит. На овој начин, практичната работа со Напредната лапароскопска операција во гинеколошката онкологија (ADVANCED LAPAROSCOPIC SURGERY IN GYNECOLOGIC ONCOLOGY) ја верифицирав со теоретскиот дел.

Да додадам и тоа дека овој испит се полага на две години, годинава беше втора испитна сесија. Првата беше во 2021, а следната во 2025 година. Горд сум што на конгресот во Истанбул беше и мојот брат Христијан, кој ќе го полага испитот во 2025 година.

На конгресот имавме можност да се запознаеме со експертите во гинеколошката онкологија, д-р Cibula, д-р Andreas du Bois и д-р Querley. Со нив имавме закажано отворен разговор 1 час (платен разговор), на кој што отворено се говореше за триковите и замките во гинеколошките операции. Особено беше важен состанокот со д-р Cibula.

Целосно, можам да кажам дека и состанокот, но и целиот конгрес беше многу едукативен и значаен за нас“, истакна д-р Синиша Трпчевски, единствениот Македонец со престижниот светски ЕСГО сертификат.