„Д Бест оф Битола“ фестивалска вечер од Битола за Битола

од June 12, 2026 0 коментари

Битола повторно ќе има своја голема музичка вечер. На 3 јули, со почеток во 21:00 часот, Пациото на НУ Завод и Музеј Битола ќе се претвори во отворена фестивалска сцена на која ќе се спојат битолската музика, битолските изведувачи, оркестарскиот звук и публиката која секогаш знае да направи вистинска атмосфера.

„Д Бест оф Битола“ е настан замислен како фестивалска вечер која ќе трае до 01:00 часот по полноќ, со програма составена од неколку различни настапи, жанрови и музички приказни. На сцената ќе настапат Чоканче, Паркети, Brass Brothers, CODE369, Гром, Бранислав Николов од Фолтин, придружувани од Оркестар DIVA, а освен тоа Оркестар DIVА ќе го претстави и својот најнов и несекојдневен проект Industrial Symphony. Вечерта ќе заврши со DJ сет, како заокружување на една летна, градска и вистински битолска музичка вечер.

Пред две години, Битола се сеќава на големиот проект Stars Symphony, кој донесе една поинаква концертна енергија и покажа дека градот има публика, простор и желба за големи музички случувања. Токму таа енергија сега продолжува, но во поинакво издание овојпат уште поблиску до градот, уште понепосредно и со јасна порака:
Од Битола за Битола.

„Д Бест оф Битола“ е вечер во која на едно место се собираат музичари кои се дел од битолската сцена, публика која знае да препознае квалитет и атмосфера која може да се случи само тука. Идејата е едноставна: Битола да добие вечер која ѝ припаѓа на неа. Со наши изведувачи, наша публика, наш звук и наша енергија.

Ова ќе биде вечер за сите генерации, за сите што ја сакаат битолската музичка сцена и за сите што сакаат да бидат дел од едно поинакво летно случување во срцето на градот.

„Д Бест оф Битола“ фестивалска вечер од 21:00 до 01:00 часот.
Битола за Битола.

Карти во продажба на yournextevent.info и во Тобако Димпо.

Babam Bitola

Comments are closed.