Битола на 3 јули 2026 година ќе биде домаќин на голем музички настан посветен исклучиво на локалната сцена. Под мотото да се поддржи и почитува домашната музика, ќе се одржи концертот „Д бест оф Битола“, во организација на Оркестар DIVA.

Датумот 3 јули има посебно значење за оркестарот. Токму на овој ден во 2013 година беше возобновен составот и беше одржан првиот концерт во Пациото со наслов „За моја Битола“. Оттогаш, овој датум прерасна во симбол на нивната музичка приказна, исполнета со бројни концерти и проекти, како во Битола, така и надвор од градот и државата. Во поново време, на 3 јули 2024 година, беше одржан и голем концерт на стадионот „Петар Милошевски“.
По само две години, Оркестар DIVA повторно подготвува голем музички спектакл, овојпат на Ракометното игралиште во Битола, простор кој веќе има историја на значајни музички настани, меѓу кои и фестивалите Balkan Gala.
На сцената ќе настапат едни од најпознатите битолски бендови и изведувачи: Чоканче, Паркети, Brass Brothers, CODE369 (Памперс), Гром, како и Бранислав Николов од Фолтин. Заедно со Оркестар DIVA, тие ќе создадат вечер посветена на битолската музичка енергија и културниот идентитет на градот.
Организаторите најавуваат дека концертот нема да заврши со последната оркестарска нота. Вечерта ќе продолжи со настап на битолски диџеи, чии имиња ќе бидат дополнително објавени.
„Д бест оф Битола“ претставува локалпатриотски проект кој има за цел да ги обедини уметниците и публиката во една заедничка приказна за градот, музиката и традицијата.
Билетите се веќе пуштени во продажба по промотивна цена од 400 денари до 10 мај 2026 година, преку платформата yournextevent.info и во Тобако Димпо.
На 3 јули, Битола ќе покаже дека знае да ја слави својата музика, своите уметници и својата сцена.
