Богоја Стојан Силјановски е еден од битолските праведници кои на 10ти Март 1943 во неговиот мал наспроти бугарската полициска станица во Битола успеал три недели да ги скрие Роза Камхи-Руса, Естреја Овадија-Мара, Жамила Колономос-Цвета, Естреја Леви-Лена и Адела Фараџи-Ката, пет еврејски девојки. кои една по една ги извел вон градот и тие им се придружиле на македонските партизани и покрај хендикепот што тој бил инвалид со една нога.

Беше сопственик на дуќанче за тутун во центарот на Битола, спроти бугарската полициска станица. Полицајци постојано влегуваа и излегуваа од дуќанчето; тој ги познаваше сите и сите го познаваа него. Меѓутоа, ова не го спречи да скрие пет еврејски девојки ноќта спроти депортацијата на македонските Евреи.*

Дучанчето на Богоја

Дучанчето на Богоја десно и лево некогашната Американска болница, во Втора Светска војна бугарски участок, прилепена за Саат Кулата
Американска болница во WWI, подоцна во WWII бугарски участок

Во неговите сеќавања кои се дел од оставината на битолскиот Архив тој иистакнува:

Кога се креваа евреите 1943 година ми се чини во март месец, 13 март ако не се лажам, Павле(1) дојде и ми рече ќе примиш илегалци во едно мало дуќанче што го имав јас, под паролата дали имаш цигари „Картел”. Прво дојде Ѓорѓи Тапанџиев (2) по него Васко Пурино (3) по Васко Пурино и еден друг името не му го знам, дојде Роза Ментеш Камхи (4) дојде Џамила Коломонос (5) дојде Марта
Стреја како ја викаат неја не знам и дојдоа уште две, три другарки.
Така кај мене се собраа 5 другарки и тројца другари.

Жамила Колономос

Беја тие околу март април месец, околу три четири недели беа како илегалци. Почнаа да бегаат за да излезат горе. Пред да влезат горе нешто мене ми се посумља кај комшиите во дуќаните, како некој да отвара или одзидуе что ти јас знам. Да не ги фатат кај мене одма му сигнализирав на Павле. Со Павлета донесовме решение да се преселат. Павле ми кажа што е
како и некои отидоа кај Павлета Кипров појдоа неколку дена, не им се свиѓало тамо, по сигурно им беше местото кај мене макар да беше кај участакот, се вратија назад. После враќањето назад, пак во истото место каде што беа, по десетина дена не знам колку, веќе требаше да излезат горе во планина. Заминаја сите, Роза се врати. Роза се врати влезе в дуќан кај мене. Оти не врати полицијата сношти, сега ќе си одам.

Заминувајќи Роза со групата на Ѓорѓи Манџуро, во таа група беше Минела Бабукот што го викавме и некои други и ги фатија. Ги фатиле кон лавчанско некаде, не знам каде точно. Мачејќи ја, за да не го провали Роза станот каде се криела, ги носела во некои колиби ама агентите бугарски се сетиле и
рекле кај одела по нужда. Меѓутим барале, барале не нашле и морала
вечерта Роза да го каже и да го провали станот. Во тој провален стан кога станав едно сабајле, а Павле мене ме опомена дека се фатени тие и вика животот луѓето го даваат и не признаваат. Дали си издржлив, Јас имам мака да речам само еднаш не. Реков не и тоа ќе остане. Така сабајлето не фатија. Го отворив дуќанчето, во дуќанчето
спиевме Павле и јас, митролез поставено кај така наречениот
„Потполошка“ улицата и од кај участакот и ортоми клаени.

Како денес изгледа местото каде некогаш се криеја илегалци

Благодарение на големата храброст на Богоја спасени се многу животи кои придонесоа во борбата за слобода на Битола и Македонија. Покрај него уште најмалку три битолски фамилии меѓу кои само една е препознаена како „Праведници помеѓу нациите“. Ние знаеме за уште две други кои заедно со Богоја и Борис Алтипармак оставија еден неизбришлив печат во поновата битолска историја со кој навистина вреди да се гордееме. Да се надеваме дека понатаму ќе имаме среќни околности за и тие другите да бидат препознаени како праведници бидејќи нивното дело е потполно исто со пожртвуваноста на Богоја во оваа приказна.

Зоран Ѓоргиев


Голема благодарност до Томе Ангеловски Пурино, Томе Гушевски и печатница Гушевски, до фамилија Силјановски, до Државен Архив Одделение Битола и Гоце Стојановски.


1. Павел Крстев Кипровски е припадник на Македонското националноослободително и
комунистичко движење и учесник во антифашистичката војна во вардарскиот дел на Македонија. Бугарскиот воен суд во процесот кој се одржал во Битола од 16 до 21 јули 1942 г., а Во врска со таканаречената „Априлска провала“ во битолската организација на КПЈ, го осудил на 15 години строга затворска казна. Архивите говоря: Българското управление във вардарска Македония (1941—1944). Документален сборник, София, 2011, т. 63, док. 62, 291. Во 1944 г. во врска со таканаречената
,,провала во 54. пешадиски полк“, неговиот дуќан во кој вечерно време се собирале битолските младинци поврзани со СКОЈ, бил ставен под полициски надзор и како последица на тоа биле затворени и измачувани од бугарската полиција над 40 лица. Ј.
Кочанковски, Битола и Битолско…, кн. 2, 10.

2.Ѓорѓи Тапанџовски- Ѓоко е припадник на Македонското националноослободително и
комунистичко движење и учесник во антифашистичката војна во вардарскиот дел на Македонија. Член на Сојузот на комунистичката младина (СКОЈ) од 1940 г., во група
со која раководел Трајче Грујоски. Како ученик во Гимназијата по бугарската окупација активно учествувал во акциите за бојкотирање на фашистичките ученички организации, Во саботирањето на денационализаторските антимакедонски и профашистички приредби и прославите, во штрајкот во Гимназијата против плаќањето на училишните уписни такси на почетокот на учебната 1941/42 г. Во 1942 г. станал секретар на СКОЈ во Гимназијата и во време на депортацијата на битолските Евреи пред опасноста да биде уапсен и за да спречи евентуална провала, преминал во илегала. На 19 мај 1943 г. бугарскиот воен суд во отсуство го осудил на смрт со бесење. Во јули 1943 г. станал член на Вториот областен комитет на СКОЈ. Борец во партизанските одреди „Јане Сандански“ и „Дамјан Груев“. Ј. Кочанковски, Битола и Битолско…, кн. 1, 206, 59, 461, 479, 616.; Горги Тапанџиовски, Гимназијата во Битола како извор за регрутирање скоевци, Битола и Битолско во НОВ 1941-1942, кн. 1, 117-

3. Васко Ангелески-Пурино е припадник на Македонското националноослободително
и комунистичко движење и учесник во антифашистичката војна во вардарскиот дел на
Македонија. Од март 1943 г. борец во партизанскиот одред „Јане Сандански“ и потоа
во одредот „Дамјан Груев“ и одредот „Гоце Делчев“. J. Кочанковски, Битола и
Битолско…, кн. 1, 479, 483, 485, 505, 535.127. 22

4. Се работи за Роза Русо Ментеш Камхи, припадник на Македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во антифашистичката војна во вардарскиот дел на Македонија. Активно вклучена во антифашистичкото движење од самиот почеток на окупацијата.

5.Жамила Исак Коломонос-Цвета (Битола, 18 јуни 1922 — 18 јуни 2013, Скопје) е
припадник на Македонското националноослободително и комунистичко движење и
учесник во антифашистичката војна во вардарскиот дел на Македонија, општественик
и политичар, писател и публицист. Како член на СКОЈ и првоборец (април 1941) била истакнат организатор на еврејската младина во антифашистичката борба. Била
примена за член на КПЈ во април 1942 г. и наскоро преминала во илегалство. Станала борец на битолскиот народноослободителен партизански одред „Гоце Делчев” во април 1943 г. Била заменик- политички комесар на Третата чета на баталјонот „Мирче
Ацев“ при формирањето во август 1943 г. Била заменик-политички комесар во Првата македонско- косовска народноослободителна ударна бригада и заменик- политички комесар на Четириесет и втората (македонска) дивизија на НОВЈ, секретар на баталјонски, бригаден и дивизиски комитет на КПМ. Подоцна била избрана за член на Окружниот комитет на КПМ во Битола и член на ПК на СКОЈ за Македонија во декември 194 г). По ослободувањето била функционер на АФЖ на Македонија, член на ЦК на КПМ (избирана на Вториот, Третиот и Четвртиот конгрес на ЦК на
КПМ/СКМ), републички пратеник во Собранието на СРМ (во повеќе свикувања). Била носител на Партизанска споменица 1941 и Орден на братството и единството со златен венец. Симо Младеновски, МЕ…, т. 1, 717.; Зборник докумената и података…,
док. 110, 392.; М. Димитријевски, Македонската војска…, 74.; J. Romano, Jevreji Jugoslavije 1941-1945. Zrtve…. 413..

Организацијата за прифаќање и криење на битолските Евреи пред бугарскиот окупатор била вршена по барање на Окружниот комитет на КПЈ за Битола и неговиот
секретар Страхил Бегинов, кој барал партизанските одреди да бидат спремни да прифатат нови борци од редовите на Евреите. Така биле организирани и двете
илегални престојувалишта за Евреите во Битола. Едното било во подрумот од дуќанот на Богоја Силјановски каде што се засолнале Естреја Овадија, Стела Леви, Жамила Колономос, Адела Фараџи и Роза Камхи. Тие беа речиси цел месец, односно до 7 април
1943 г. на ова место.

*Фонд на Холокауст